Македонскиот нордиец, олимпиецот, Ставре Јада (21) кон крајот на ноевмри настапи на првиот натпревар сезонава во рамките на ИБУ купот, во биатлон, во Сјусјоен, Норвешка, во спринт на 10 км (со две стрелби, лежечки и стоечки став) и го освои солидното 56-то место меѓу 112 натпреварувачи. Потоа настапи на уште една спринт трка на 10 км, но поради лошите стрелби беше послабопласиран, 70-ти меѓу 110 натпреварувачи.


– Не сум баш најзадоволен од пласманите, но се надевам дека на следните трки ќе биде подобро. По Норвешка сега сум во Австрија, со тренерот и селектор Ѓоко Динески, во планинскиот биатлон центар Обертлиах, на надморска височина од 1.500 метри каде што работиме најмногу на подобрување на тркачката форма. Оттука планираме да продолжиме за Словенија, на ФИС трката на 15 км, в недела на Покљука, но дали таа ќе се одржи ќе зависи од количеството снег. Потоа ќе следуваат настапите на вториот ИБУ куп во Риднаун, Италија (од 12 до 14-ти декември), како и на третиот ИБУ куп во Обертлиах (од 18 до 20 декември), во спринтот на 10 км и индивидуално на 15 км. Кон крајот на декември се се враќам дома на краток одмор од трките, но не и од тренинзите – вели Јада.
Ако биде се според планираното и доколку Јада забележи добри пласмани, постојат шанси тој да настапи на трки во рамките на Светскиот куп во Јапонија, во јануари.
– Круна на сезоната за мене би требало да биде Светското првенство (СП) во биатлон за јуниори во Ленцерхајде, Швајцарија, од 25 јануари до 2 февруари, а по него и настапот на сениорското СП во биатлон во Антхолц, Италија, од 10 до 20 февруари 2020 година – истакнуава Јада.

Л.Д.