Младиот македонски борач Бесир Алили (до 45), го освои сребрениот медал на Европското кадетско првенство (ЕП) во борење во слободен стил, што се одржува во Скопје, откако во финалниот меч со технички туш загуби од Ерменецот Рафаел Харутунијан.
Алили во борбата влезе мошне мотивирано и со голема поддршка од навивачките трибини, но спроти себе го имаше квалитетниот Харутунијан, кој ја искористи својата доминација на душекот и со технички туш успеа да слави, со што му припадна златниот медал.
Можност да се закити со медал има и македонскиот борач Аид Салихаси (над 48), кој во репасажот ќе се бори со Белорусинот Илја Рахозау за влез во борба за бронзениот медал.
Пред почетокот на полуфиналните и финалните борби, кадетското ЕП свечено беше отворено со присуство на претседателот на Обединетото светско борење (ОСБ), Ненад Лаловиќ и претседателот на ОСБ-Европа, Цено Ценев. Меѓу присутните гости на свечената церемонија беа претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК) Васил Тупурковски, директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски, легендата на македонското борење Ристо Таков и олимпијците Шабан Сеиди и Зоран Шоров. Домаќини на настанот беа претседателот и потпретседателот на Федерацијата на боречки спортови на Македонија (ФБСМ), Бетим Вренези и Дејан Богданов.