Продолужва победничката серија на ракометарите на Вардар во годинашнава Лига на шампионите (ЛШ), откако вечерва во рамките на 4-то коло, во Спортскиот центар „Јане Сандански„ во Скопје, беше совладан бундеслигашот Левен со 29–27, со што ја задржаа лидерската позиција во групата А со максимални осум бода, додека Германците, на кои ова им е втор пораз годинава, останаа на досегашните четири.
Гостите го добија првото полувреме со два гола предност 15-13. Беа подобри, постојано го диктираа темпото на теренот и ја имаа предноста изразена во голови. До 16-та минута резултатот беше пет пати израмнуван, а потоа Германците успеаја да се одлепат во четири наврати со по три гола разлика, додека најголемата предност од четири гола (14-10), беше видена во 28-та минута.
Сепак вардарци успеаја во финишот на овој дел да намалат на два гола негатива. Нерешлива загатка во овој дел за избраниците на тренерот Роберто Парондо, беа пикерот Јаник Кохлбахер и десниот бек Александер Петерсон со по пет погодоци од шест обида, додека кај Вардар левото крило Тимур Дибиров и пикерот Рожерио Мораеш постигнаа по три од четири шута.
Но, затоа пак, црвено-црните фуриозно го започнаа ворото полувреме постигнувајќи три гола во низа, со што и за прв пат поведоа на натпреварот со 16-15. Левен брзо се созеде, но Вардар сега го диктираше темпото на игра и имаше предност од еден гол во неколку наврати, во 45-та минута за првпат и два гола предност (23-21), преку реалазицијата на Игор Карачиќ, а преку истиот играч и на три гола разлика (27-24) на девет минути до крајот на средбата.
Левен се обидуваше да фати приклучок но без ефект, Вардар поддржан од бучната публика во салата, знаеше како да го сочува резултатот и извојува уште една вредна победа во својата група, на која се придодаде и голманот Дејан Милосављев со 12 одбрани, од кои еден од удар од седум метри.
Најефикасни кај црвено-црните беше Дибиров со осум гола од девет шута, а кај Левен Петерсен со седум погодоци од осум удари. Во следното 5-то коло Вардар му гостува на полски Киелце.
Г.И.