Словенците вторпат ќе се борат за шампионската титула, по 2015-та, кога загубија од Франција, која, пак, синоќа во второто полуфинале играше со Србија

Словенија ќе игра во утрешното финале на Европското првенство (ЕП) во одбојка против подобриот од дуелот Србија/Франција. Во полуфиналето во салата „Стожице“, пред 11.425 гледачи, Словенија одигра уште еден фантастичен натпревар и го елиминира светскиот првак Полска, со 3-1 во сетови (25-23, 24-26, 25-22, 25-23), кој на претходните седум меча имаше загубено само еден сет! Претходно во четврт-финалето Словенија беше подобра и од актуелниот европски првак, Русија (3-1), а во осминафиналето од Бугарија (3-1).

За Словенија утрешното финале (Париз, арена „Берси“, 17.30 часот) ќе биде второ, по ЕП 2015-та, кога беше поразена од Франција (0-3).
Капитенот Тине Урнаут беше најефикасен со 18 поени и еден од најдобрите во словенечкиот состав. Кај Полјаците најдобар беше натурализираниот Кубанец, Вилфредо Леон со 22 поени.

– Срцето беше одлучувачко на овој меч. Одигравме тимски, како еден. Тоа е Словенија, тоа сме ние, сите во салата „Стожице“ дишеа како еден и тоа ни се исплатеше – изјави Клемен Чебуљ, кој исто така одигра одличен меч и освои 15 поени.
Словенците беа подобри од Полјаците во плејофот и на минатото ЕП 2017 во Полска (3-0), а во четврт-финалето беа елиминирани од Русија (0-3). На ЕП 2015-та што се одржа во Бугарија/Италија, Полска беше подобра од Словенија во групата (3-1), но во четврт-финалето следуваше реванш и победа на Словенците (3-2). Во полуфиналето Словенија ја совлада и Италија, а во финалето загуби од Франција (0-3), можниот утрешен ривал.

Во синоќешното, второ полуфинале во Париз, играа Франција и Србија. 


Денеска на ЕП
Меч за трето место,
Париз (18 часот)
Полска – Франција/Србија

Утре
Финале, Париз (17.30)
Словенија – Франција/Србија