ЕКК досега се одржа двапати во Македонија, првиот пат во Охрид пред десет години, а потоа во Скопје во 2015 година
На 22-то Европско првенство во шах, кое е во тек во Батуми, Грузија, беше одржан состанок на Комисијата за натпревари на Европската шаховска унија (ЕЦУ), чиј претседател е првиот човек на Шаховската федерација на Македонија, Благоја Богоевски, на кој едногласно е донесена одлука Европскиот клупски куп (ЕКК) во 2021 година (триесет и седмо по ред) да се одржи во Скопје. ЕКК (екипно клупско првенство на Европа) досега се одржа двапати во Македонија, првиот пат во Охрид пред десет години, а потоа во Скопје во 2015 година.
На ЕП што е во тек машката репрезентација на Македонија по двете ремија и една победа, во 4-то коло, по малку изненадувачки го доживеа првиот пораз, со 1-3 од Швајцарија (просечен рејтинг 2.523, рангирана на 28-то место пред ЕП), селекција што е едно место подобро рангирана од Македонија пред ЕП (2.498). ВМ Кирил Георгиев и ИМ Филип Панчевски ремизираа, а ВМ Трајко Недев и ВМ Никола Николовски загубија, за Николовски тоа е прв пораз по трите победи. По ова коло, Македонија е на 20-то место со четири бода, а водат Ерменија, Украина, Русија и Англија со по седум.
Шахистите на Македонија пак (1.986, рангирани на 31-то место) го доживеаја третиот пораз, овој пат од Чешка (2.277, рангирана на 18-то место) со 0,5-3,5. Загубија ЖФМ Моника Стојковска (прв пораз), Бојана Бејатовиќ и Ивана Манова, а ремизира ЖИМ Габриела Коскоска. По ова коло Македонија е на 30-то место со еден бод, а води Русија со осум, пред Унгарија со седум.