Фото: Дарко Андоновски

Главни фаворити за триумф на трката, која, наместо од плоштадот, ќе почне пред Собранието, се маратонците од Кенија и од Етиопија. На денешната трка ќе може и да се исполни норма за настап на ЛОИ 2020

Рекордна бројка од над 12.500 учесници од 58 земји ќе настапи на денешниот 15-ти „Скопски маратон“ во неколку категории: маратон, полумаратон, мешан штафетен маратон (мажи и жени) и на ревијалната трка на пет километри. Наградниот фонд ќе изнесува 18.000 евра, а најдобрите, заедно со бонусите за евентуалните рекордни времиња, ќе добијат и до 5.000 евра, изјави на вчерашната средба со новинарите директорот на трката, Кире Синадиновски.

За разлика од минатите години, наместо од плоштадот и во правец кон Камени мост, стартот и целта на трката ќе бидат пред Собранието на Македонија. Потоа се трча кон Владата, лево по булеварот Илинден кон Ѓорче Петров, оттаму по булеварот Теодисиј Гологанов, кон Центар, населбата Јане Сандански и назад до Собранието.

Главни фаворити за триумф во машка и во женска ко конкуренција, како и минатите години, се тркачите од Кенија и од Етиопија. Рекордерите се од Кенија, кај мажите Кируи Кипротич (2:12,36 часа) од 2016-та, а кај жените Стела Барсосио (2:33,42) од 2017 година. Со оглед на временската прогноза за денеска, која најавува релативно пониски температури од минатите неколку години, може да се очекуваат нови најдобри времиња. Времиња од 2:11,30 часа за мажите, односно 2:29,30 за жените се норми за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио.

Маратонската трка ќе се смета и како државен шампионат на Македонија и на неа ќе настапат најдобрите во моментов. Кај жените фаворитка е актуелната рекордерка Адријана Поп Арсова (2:59,46 часа), која лани беше трета.

– Ланската, 2018, беше многу успешна за мене. Сезонава исто така добро почна, неодамна поставив два нови држани рекорда, во полумаратон и на 10 км. Зимава напорно тренирав, добро сум подготвена, се надевам на добар пласман и време, но не се оптоварувам со поставување рекорд. Конкуренцијата ќе биде силна, тоа е добро и мотивирачки, но многу работи не можат да се предвидат и да се испланираат кога е во прашање маратон – вели Поп Арсова.

Кај мажите, титулата првак на Македонија од лани ќе ја брани Александар Кираџиев (време од 2:42,48 часа), а конкуренти ќе му бидат Кокан Ајановски, Марјан Бонев, Игор Јакимовски… Рекордот уште го држи Трпе Мартиноски (54) од 2000 година во Нови Сад (2:25,06), кој во повеќегодишната кариера има истрчано над 100 маратони.

– Тешко дека ќе биде соборен рекордот на Трпе на оваа трка, но има седум-осум македонски маратонци што трчаат под три часа и меѓу нив ќе се решава победникот.

Мислам дека можам да ја истрчам патеката за 2,35 до 2,40 часа, а дали тоа ќе биде доволно за победа ќе видиме – изјави Кираџиев.

Трката почнува во 8.30 часот и ќе трае најдоцна до 14 часот, што значи дека ќе има посебен режим на сообраќај по главните градски сообраќајници. Низ скопските улици ќе има и повеќе од 20 места за забава, со диџеи, за анимирање на публиката, за бодрење на тркачите и за да се создаде пријатна атмосфера.


„Нова Македонија“ повторно ќе биде дел од маратонскиот спектакл

Редакцијата на дневниот весник ,,Нова Македонија“ со години е дел од „Скопскиот маратон“. Годинава традицијата ја продолжуваат две новинарки, Антонија Поповска и Радмила Заревска, како и ликовно- графичкиот уредник Гоце Цветаноски. Поповска четврти пат по ред ќе настапи на маратонот, а Заревска третпат. Досега тие настапуваа на ревијалната трка на пет километри, но годинава решија првпат да трчаат полумаратон. Цветаноски, за кого ова ќе биде деветто учество во Скопје, исто така, ќе настапи на полумаратонската трка.
– Годинава се осмелив првпат да го истрчам полумаратонот. ,,Нова Македонија“ традиционално е дел од овој настан, кој прерасна во вистински спортски бренд, еден од најубавите во главниот град – вели Поповска.

Фото: Маја Јаневска-Илиева