Пред 40 години почна првата сезона во СК во скијачки скокови, најуспешни со по четири титули се Никенен и Малиш, а сезонава, во која наградата за најдобриот е најмалку 70.000 франци, трофејот го брани Кобајаши
Годинашната, 41. сезона во Светскиот куп (СК) во скијачки скокови треба да почне викендов, во Висла, Полска. Првото издание на СК беше во сезоната 1979/80, а најуспешни во минатите повеќе од четири децении се Финецот Мати Никенен и Полјакот Адам Малиш со по четири титули.
Лани триумфира Рјоју Кобајаши, првиот Јапонец кому му успеало тоа и трет, по Германецот Свен Ханавалд (во 2002) и Полјакот Камил Штох (2018-та), што победил на четирите натпревари во рамките на новогодишната турнеја „Четири скокалници“. Сезонава на програмата се 36 натпревари од кои 30 во индивидуална и шест во екипна конкуренција, почнувајќи од викендов во Висла, со финале во Викерсунд, Норвешка, на 15 март в година. Последната недела од март, пак, на Планица, Словенија ќе се одржи Светското првенство (СП) во скијачки летови.
Кобајаши (23) повторно е во најтесниот круг фаворити за вкупен победник во СК. Покрај него големи шанси за триумф им се даваат на Австриецот Стефан Крафт, на Полјаците Камил Штох и Давид Кубацки, на Германецот Маркус Ајзенбихлер и на Норвежанецот Роберт Јохансон, но не се исклучени и некои изненадувања.
Вкупниот победник ќе добие најмалку 70.000 франци, плус парични награди за секој поен (по 100 франци), одделно за добрите постигнувањата на новогодишната турнеја.
За „Четирите скокалници“ се бара билет повеќе
Познатото натпреварување во скијачки скокови, новогодишната турнеја „Четири скокалници“, од година на година станува сѐ попопуларно. За тоа сведочат и најавите дека за првиот натпревар во Оберсдорф, на 29 декември, од годинашната, 68. во низа турнеја, влезниците (27.000) веќе се распродадени. Постои интересирање и за билети за квалификациите, кои лани ги проследиле 15.000 луѓе.
Вториот од четирите натпревари на турнејата е во Гармиш-Партенкирхен на 1 јануари 2020, третиот во Инсбрук на 4 јануари, а последниот во Бишофсхофен, на 6 јануари. Најмногу победи на „Четирите скокалници“ има Финецот Јане Ахонен, пет (1999, 2003, 2004, 2005, 2006 и 2008 година), по него е Германецот Јенс Вајсфлог со четири триумфи (1984, 1985, 1991 и 1996-та) итн.