Вкупен победник на 15-от „Скопски атлетски маратон“, на кој настапија досега најмногу учесници, над 12.500, е Тируне од Етиопија. Адријана Поп Арсова и на петтиот маратон во кариерата истрча време за нов македонски рекорд, Кираџиев го забележа најдоброто време во кариерата, а во женската конкуренција Кенијката Мучири постави рекорд на „Скопскиот маратон“
Скопје викендов беше во знакот на 15-от „Скопски маратон“ на кој по улиците на главниот град на Македонија, во пријатна атмосфера, продефилираа рекордни над 12.500 учесници, кои се натпреваруваа во неколку категории, во маратон, полумаратон, мешан штафетен маратон и на ревијалната трка на 5 км. За разлика од минатите години, кога беше топло и спарно, со температури и до 30 степени, овој пат временските услови им одеа во прилог на тркачите, што, пак, се одрази и на постигнатите резултати.
Победник на годинашниот маратон е Чалачеу Асмамау Тируне од Етиопија, кој делницата од 42 км ја истрча за 2:15,37 часа, со што ја прекина доминацијата на маратонците од Кенија, кои славеа на минатите седум трки. Најдобропласиран македонски маратонец беше Александар Кираџиев, на шестото место, со најдобро време во кариерата, 2:37,41 часа. За него тоа беше петта титула во низа државен првак на Македонија.
– Супер беше, презадоволен сум, забележав личен рекорд, подобро од најдоброто време од пред еден месец. Имав поумерен прв дел од трката, во вториот дел беше подобро, можеби најдобро истрчана втора делница. Имав мала криза на седум-осум километри пред целта, но добро излезе, времињата се подобруваат, се надевам дека така ќе продолжам и натаму – задоволно изјави Кираџиев.
Од македонските маратонци, зад Кираџиев на целта пристигнаа Марјан Бонев (2:43,38), Кокан Ајановски (2:49,54), Игор Јакимовски (2:52,53), Бобан Нефовски (2:55,13), Митко Костов (3:01,52 часа) итн.
Во женската конкуренција, првите три места ги освоија натпреварувачките од Кенија, а прва низ целта мина Јунис Нјавира Мучири, со рекордно време за „Скопскиот маратон“, 2:33,38 часа, подобро за четири секунди од сонародничката Стела Барсосио (2:33,42) во 2017-та.
Годинашната трка ја обележи Адријана Поп Арсова, која и на петтиот маратон во кариерата истрча време за нов рeкорд на Македонија, 2:52,52 часа, што е подобро за повеќе од седум минути од нејзиниот личен и државен рекорд (2:59,46 часа) од лани.
Одлично време оствари и Билјана Кираџиева, која исто така трчаше под три часа, 2:58,15.
– Ова беше можеби мојот најдобар маратон во кариерата, според сѐ, уживав во трката, имаше многу позитивна енергија. Презадоволна сум, го очекував ова време, времето се погоди, условите за трчање беа одлични, облачно, не беше многу жешко. Конкуренцијата беше во ред, но јас бев сконцентрирана само на мојата трка, немав никакви кризи, беше супер – изјави Поп Арсова, додавајќи дека сега ќе следува мала пауза од маратоните.
Во полумаратон, како и лани, најдобар беше Дарио Ивановски, со време од 1:12,31 час.
– Задоволен сум, не форсирав многу, ова на некој начин беше дел од моите подготовки за настапите на пократките делници на некои други натпреварувања годинава, како што е Светското првенство (СП) во Доха во септември. По Токио 2020, планирам повеќе да им се посветам на подолгите делници, на полумаратонот и маратонот – изјави Ивановски.
Во женска конкуренција на полумаратонот победи Унгарката Зита Качер (1:22,53), а од македонските претставнички најдобропласирани беа Миљана Ристиќ (1:27,09), Благица Јованова (1:31,15) и Виолета Ивановиќ (1:35,00 час), на втората, шестата и на седмата позиција.
Успешен настап на „Нова Македонија“
Новинарките Антонија Поповска и Радмила Заревска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски беа репрезентите на дневниот весник „Нова Македонија“ на годинашниот „Скопски маратон“, успешно истрчувајќи ја полумаратонската делница од 21 км.
За Поповска ова беше четврто, а за Заревска трето учество на трката, но прво во полумаратон. Цветаноски по деветти пат трчаше во Скопје (1:46,37 час).
– Ми беше чест и задоволство што бев дел од целиот настан и што трчав со колегите од „Нова Македонија“. Им препорачувам на сите што сакаат нешто да сменат во начинот на својот живот да почнат да трчаат. Ќе добијат поинаква перцепција за секојдневието, ќе им се зголемат мотивација и самодовербата. Ова особено му го советувам на женскиот пол. Нека се обидат да си ги надминат целите и очекувањата во животот – порача Заревска, која забележа време од 2:32,49 часа.
Поповска годинава првпат се осмели и успеа да го истрча полумаратонот.
– Не бев најдобро подготвена поради болките во коленото, но, во секој случај, задоволна сум од постигнатиот резултат (2:41,48 часа). Имав криза на 17-от км, почна да ме боли коленото, па бев принудена малку да пешачам, но потоа продолжив да трчам. Нема подобро чувство од она кога ќе се надминеш себеси – рече Поповска.
„Макстил“ една деценија дел од маратонот
Десет години по ред неизбежен дел од „Скопскиот маратон“ е и екипата на вработени во „Макстил“, а годинава најмногубројна, со над 60 члена, меѓу кои речиси половината беа жени. Повеќето настапија на ревијалната трка, на 5 км, а петмина на полумаратонот, на делницата од 21 км.
– Првпат како „Макстил“ настапивме во 2009-та, бевме само двајца, јас, Петар Симоски, и Зоран Секуловски. Потоа од година на година таа бројка сѐ повеќе се зголемуваше, лани бевме 34-ца. Еве, годинава нѐ има речиси двојно повеќе, над 60. Се надевам дека таа бројка во иднина и натаму ќе се зголемува. Нѐ има од повеќе возрасни категории, но заедничка ни е желбата за спортување и за дружење надвор од работното време. Ме радува што на оваа манифестација кај сите учесници постои многу позитивна енергија и кои на трката, без модерните помагала, како телефони и компјутери, одлично комуницираат меѓу себе и покажуваат дека во основа човекот и не е зависен од ниту една машина – истакна Симовски, еден од тимските водачи и аниматори на „Макстил“.