Раководството на фудбалскиот клуб Кардиф му понудило на Аргентинецот Емилијано Сала да лета со комерцијален лет од Франција до Велс, што тој го одбил, решавајќи се да патува со приватен авион, по кој уште трае потрагата, според претседателот на клубот Мехмет Далман, пренесува британската телевизија Скај Спортс.
– Внимателно ја разгледавме ситуацијата и Кардиф ја презеде одговорноста да му понуди аранжман за патување, при што требаше да патува од Нант до Париз со воз, а потоа со комерцијален лет да стигне до аеродромот Хитроу во Лондон. Но, тој одби и одлучи да лета со помал авион за да стигне побрзо. Сè ни укажува на трагична несреќа – изјави Далман.
По ненадејната несреќа, се појавија шпекулации во врска со одлуката на Сала да патува со малиот авион, а некои извештаи тврдеа дека летот бил организиран од самиот клуб, што Далман го демантираше. Претседателот на клубот потврди дека сестрата на Сала ќе се сретне со извршниот директор на Кардиф Кен Чу и со менаџерот Нил Ворнок.
Аргентинскиот напаѓач, за кого премиерлигашот во неделата плати рекордни за клубот 15 милиони фунти, се враќаше во Кардиф по разделбата со поранешниот клуб и соиграчите од француски Нант, кога малиот авион со кој леташе исчезна над Ла Манш во понеделникот вечерта.
Потрагата по авионот продолжи вчера, откако беше лоциран авионскиот чамец за спасување, но сè уште нема траги од самото летало. Полицијата утрово потврди дека потрагата и натаму е во тек, со пребарувањето на крајбрежните области на Каналските острови.
– Ова се тешки денови. Фудбалското семејство навистина ни дава поддршка, не само од Кардиф, туку од целиот свет. Навистина сме благодарни за поддршката која ја добиваме. Ќе продолжиме да се надеваме и ќе продолжиме со нашите молитви, но мораме да бидеме и реални. Ситиацијата не изгледа добро – истакна Далман. В.Т.