Стефановски (стои четврти од десно) со екипата на Вардар

БОРО СТЕФАНОВСКИ (1)

Боро е еден од најголемите ентузијасти во ватерполото во Македонија, кој по „вина“ на својот татко се најде во тој спорт. Тој и Томи претставуваат најпознатата братска пливачка двојка во Македонија, нешто слично како што во минатото беа братот и сестрата Дики и Атина Бојаџи

Ватерполото во Македонија датира од првите години по Втората светска војна, кога во Охрид, во рамките од ПК Охридски бранови, неколку млади момчиња, пред сѐ пливачи, почнаа да се занимаваат со овој спорт. Потоа, ватерполото, кое во поранешната држава беше многу популарно и бележеше врвни резултати на големите светски приредби, почна да се игра и во Скопје. Меѓу оние што први почнаа да играат ватерполо во единствениот скопски клуб Работнички беше и Душко Стефановски, татко на познатите пливачи Боро и Томи. Тие, за да ја продолжат семејната традиција, почнаа да се занимаваат уште од раните години со пливачкиот спорт, во кој останаа цела младост, па и сега, во повозрасните години. Боро повеќе му се посвети на ватерполото, а на Томи, иако повремено играше ватерполо, сепак, пливањето, особено маратонското, му беше приоритетен спорт, во кој се афирмира и стана светска класа. Двајцата ја претставуваа најпознатата братска пливачка двојка во Македонија, како што на времето беа братот и сестрата Дики и Атина Бојаџи.

Овој пат написот ќе му го посветам на постариот од браќата, Боро, за кого слободно може да се каже дека е одржувач на ватерполото во Македонија, во кој и денеска е присутен и вложува напори овој спорт да не згасне. Тој е вистински ентузијаст, кој се фаќа во костец со проблемите, се бори и секогаш успева да го одржи спортот што го исполнува неговиот живот. Тој како да чувствува и обврска кон својот татко да ја продолжи семејната традиција. А, токму таткото беше тој што сакаше неговите синови да тргнат по неговите стапки.
– Љубовта кон пливањето се негуваше во целото семејство, па, како резултат на тоа, уште на четиригодишна возраст научив да пливам. Со мојот татко често одев на базенот во Сарај, еден од најстарите базени не само во Скопје и во Македонија туку во целиот овој јужен регион од Балканот. Потоа, пливавме и на базенот во Кале, а и на Вардар, иако тоа носеше поголем ризик поради немирната вода и многуте брзаци. Летно време поминувавме убави денови и во Охрид, па, така, може да се каже дека во раните детски години, додека времето беше убаво, бидејќи затворени базени немаше, го користевме секој сончев ден да бидеме, како што знаевме да кажеме, на плажа – вели Боро.

ПРВИ СЕРИОЗНИ ТРЕНИНЗИ ВО ПРАГА

Кога Боро Стефановски имаше 10 години, работните обврски на неговиот татко го одведоа во Прага, тогашна Чехословачка.
– Во социјалистичките држави на кои припаѓаше и Чехословачка имаше разработена една идеална стратегија за развој на сите спортови. Децата без проблеми можеа да се занимаваат со секој спорт, па така јас, бидејќи и во Скопје веќе пливав, нормално беше и таму да продолжам со пливањето. Прага, како главен град, имаше многу спортски објекти, меѓу кои и неколку затворени пливачки базени, така што активностите се одвиваа преку целата година, не како кај нас само во летниот период. Затоа може да кажам дека токму таму почнав сериозно да се занимавам со спортот што ме привлекуваше и исполнуваше. Тоа беа оние вистински пливачки тренинзи – се сеќава на тоа време Боро.

Откако се врати, стана член на ПК Студент, во кој тренер беше покојниот професор Димитрие Поповски-Шкипер, човек што, секако, има најголема заслуга во Македонија за квалитетното издигнување на пливачкиот спорт.
– Тренинзите со Поповски не се разликуваа многу од оние во Прага. Ги пливав сите стилови, но најмногу сакав делфин, во кој ги освојував првите места на пионерските, потоа на младинските и на сениорските првенства на Македонија. Паралелно имав успеси во слободен стил, во кој пливав и на најдолгата делница од 1.500 метри, а бев солиден и на 200 м мешано, како и на 100 и на 200 м грбно. Со еден збор, ги практикував сите стилови – вели тој.
Кога Боро Стефановски наполни 14 години, тој во ПВК Вардар почна да се занимава и со ватерполо. Играта со топка го привлекуваше, па паралелно со настапите во пливачките дисциплини играше и ватерполо.

ЗАСЛУГИТЕ НА КЛИМЕ САВИН

Во Скопје во 1979 година со средства од самопридонесот на граѓаните беа изградени двата затворени пливачки базени, олимпискиот во Центар и малиот во Карпош. Од тие моменти, бидејќи беа создадени услови да се тренира во текот на целата година, приматот во пливањето и во ватерполото го презедоа скопјаните. Дотогаш постојано беа во сенка на охриѓани и на стружани.
– Ние во Скопје добивме навистина многу погодности со двата базена. Кога на ова ќе се додаде дека го користевме и базенот изграден за потребите на Факултетот за безбедност во Идризово, тогаш станува јасно во колкава предност бевме пред другите. Во тоа време, за наша среќа, сериозно со работа во ватерполото се зафати поранешниот маратонски пливач Климе Савин. Тој беше познат стопанственик, кој не штедеше ниту време ниту средства само да го помогне и да даде придонес во напредокот на ватерполото. Такви луѓе нема денес, тие ретко се раѓаат. Токму тој, амбициран и со желба македонското ватерполо да го доближи до југословенското, во Скопје го донесе познатиот ватерполист од спортското семејство Мустур од Црна Гора, Владо, а потоа и Молдавецот Виктор Мороз, кои работеа со нас. Мороз дури подолг период остана и како играч. Тогаш се создаде првата квалитетна генерација на ВК Вардар, во која, покрај мене, беа уште д-р Здравко Чакар, Костиќ, Герасимов, Дамјановски, Николовски, Кузевски, Даниловски, Зафировски и Јонче Маленко. Мора да го споменам и покојниот Слободан Смилјановски-Мусо, кој ја имаше улогата на технички организатор и тренер – вели Боро.

Инаку, Савин имаше најголема заслуга што во Скопје во 1981/1982 година се одржа суперфиналето на европскиот куп помеѓу југословенскиот Бродомеркур и шпанската Барселона. Тоа беше редок настан, прв од ваков вид организиран кај нас.

РАМНОПРАВНИ СО ВТОРОЛИГАШИТЕ

Интересирањето за ватерполо од ден на ден се зголемуваше, а базенот во Карпош, кој беше со димензии што одговараат за овој спорт, максимално беше искористен. Тогаш дојде и до смена на генерациите, па во Вардар имаше некои нови момци, кои почнаа да чекорат по патот на успехот.
– Тоа беа години кога организиравме многу турнири. Во Скопје доаѓаа екипи не само од поранешната држава туку и од соседството. Исто така, и ние патувавме во многу земји, каде што го репрезентиравме македонското ватерполо. Со оглед на тоа што станавме второлигаши, бевме респектирани и надвор од границите на Југославија и сите посакуваа да нѐ видат во својата средина. Често одевме во Бугарија и во Грција, а можам слободно да кажам дека голем придонес за брзиот напредок на ватерполото кај нашиот јужен сосед имавме и ние. Зашто, да не заборавиме, Југославија беше светски и олимписки шампион, а нашата Втора лига, во која се натпреваруваше и Вардар, имаше квалитет на ниво на првите лиги од многу европски земји. Затоа, не е препотентно ако кажам дека многу клубови, меѓу кои и грчките, учеа од нас – продолжува Боро Стефановски.
Во 80-тите години од минатиот век, кога Вардар се натпреваруваше во Втората југословенска лига, се создаде една талентирана генерација. Во неа, покрај Боро, беа уште неговиот брат Томи, потоа Дејан Симеонов, Поповски, кои денес работат како тренери на Малта, Спировски, сега тренер во Славија од Софија, Михајлов, Пиштолов, Циев, браќата Владимир и Ненад Стајковиќ, потоа Ристовски, Личина, Михалевиќ, Шулевски и уште десетина момчиња. Грижата за клубот ја водеа двајца ентузијасти, Миле Пеповски и професорот Диме Ивановски.

– Во Скопје бевме цврст орев за сите противници, не само во Втората, а пред распадот на поранешната држава и во Првата Б лига во која се натпреварувавме со клубовите од Србија и од Црна Гора. Ќе споменам еден од мечевите со Бечеј, кој во Скопје успеавме да го победиме со 11-10, а неколку години подоцна токму тој Бечеј еднаш победи во Купот на европските шампиони. Зарем тоа малку зборува за нашите квалитети – вели Стефановски.
За првите настапи во европските купови, откако Македонија стана самостојна држава, како и за тренерските почетоци на Боро Стефановски ќе читате идната недела.


Лична карта

Роден: во 1965 година во Скопје
Кариера: Студент, Вардар, Младост, Славија (Прага), 8 Ноември (Штип), Локомотива и сега е тренер во Бета, репрезентација на Македонија
Успеси: ватерполо – пет титули екипен првак на Македонија, со Младост (три) и со Локомотива (две), прво место како тренер на меѓународниот турнир во Шенберг (Германија), учество на турнирите за европските купови со најзначајната победа над Марсеј. Пливање – голем број титули првак на Македонија во сите стилови во пионерска, младинска и во сениорска конкуренција.