Фото: Емил Јовановиќ

Шахистите на Прилеп, рангирани 17-ти на Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах во Струга, го изненадија норвешкиот клуб Оферспил (рангирани 8-ми), во чии редови од утре ќе настапува и актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, совладувајќи го со убедливи 4,5-1,5. Како што е познато Карлсен (рангиран прв во светот со 2.855 поени,), поради настап на турнир во Норвешка каде го освои првото место, денеска пристигна во Струга.

Нова висока победа оствари македонскиот првак Алкалоид (прворангиран тука), кој со 5,5-0,5 го надиграа српскиот претставник Словен Рума (рангиран 10-ти). Единствено Сем Шанкланд ремизираше со Иван Иванишевиќ на втората табла. Останатите два македонски клуба впишаа порази. Гамбит Асеко СЕЕ (рангиран 16-ти) со 1,5-4,5 загуби од израелски Бер Шева (рангиран 7-ми), а ислански Рејкјавик (рангиран 22-ри) со 4-2 го совлада Гостивар (рангиран 31-ви. Останатите фаворити за највисок пласман забележаа нови победи.

По две одиграни кола од предвидените седум во х. „Изгрев“, моментално има 10 екипи со по две победи, но Алкалоид и руски КПРФ се на врвот со по четири екипни бода и со по 10,5 поени по табли. Прилеп е на 9-то место со четири бода (8,5 по табли), Гамбит Асеко СЕЕ на 17-то со два бода (седум по табли), а Гостивар на 31-то место без екипни бодови (2,5 по табли).

Кај шахистите пак, кои играат на четири табли во х. „Дрим“ во Струга, дуелот помеѓу македонските екипи Алкалоид (рангиран 4-ти) и МШК Центар од Скопје (рангиран 5-ти), заврши со победа на Алкалоид со 2,5-1,5, додека австриски Баден (рангиран 6-ти) го совлада Куманово (рангиран 8-ми) со 3,5-0,5. Во останатите два меча, украински ГРЕКО (рангиран 2-ри) го совлада словенечки Тајфун (рангиран 7-ми) со 3-1, додека дербито на колото помеѓу руски Јужен Урал (рангиран 3-ти) и Монте Карло (рангиран 1-ви), заврши со победа на Русинките со 3-1. По ова коло Јужен Урал е единствениот клуб со две победи, односно четири екипни бода. Бод помалку има ГРЕКО, а со по два следат, Баден, Алкалоид, Тајфун, Куманово, еден има Монте Карло, а засега без бод е МШК Центар.

На ЕКК, во машка конкуренција се пријавени 37 клуба, со 277 шахисти, од нив 85 велемајстори (ВМ), а во женска конкуренција осум клуба со 40 шахистки (седум ВМ). Ова е третпат како се одржува ЕКК во Македонија, по Охрид во 2009 и Скопје во 2015 година. Новите клупски шампиони ќе бидат познати по одиграни седум кола.

Г.И.