Федерер и Ѓоковиќ атакуваат на седмата победа во Мелбурн, а Серена на 24-от гранслем-трофеј во кариерата со што би се израмнила со Маргарет Корт
Со денешните натпревари во Мелбурн почнува 107-то издание, 51-то во тениската Опен ера (од 1968 година), на првиот годинашен гранслем-турнир, Австралија опен. Новитет годинава е воведувањето тај-брек на сите дуели, што значи дека при резултат 6-6 во решавачкиот петти сет, победник ќе биде тенисерот(ката) што прв(а) ќе освои 10 поени (и води со најмалку два поена разлика). Првпат тенисерите ќе имаат и 10-минутна пауза по третиот сет поради високите летни температури во Мелбурн, понекогаш и над 40 Целзиусови степени. За потсетување е и тоа дека натпреварите се прекинуваат кога температурата ќе достигне над 40 степени.
Титулите од лани ги бранат Каролине Вознијацки од Данска и Роџер Федерер од Швајцарија. За Вознијацки тоа беше прва гранслем-титула во кариерата, а за Федерер шеста во Мелбурн, колку што има и Србинот Новак Ѓоковиќ, но и Австралиецот Рој Емерсон, но освоени пред Опен ерата, во периодот од 1961 до 1967 година.
Евентуалната победа, трета по ред, седма рекордна во Мелбурн, вкупно 21-ва гранслем, за Федерер (37) ќе биде и 100-та турнирска. Поуспешен на тој план од него е само Американецот Џими Конорс со рекордни 109 триумфи на турнирите.
– Не сум сигурен дека ќе успеам да триумфирам, искрено ќе биде многу тешко. Јасно ми е дека на секој турнир што го играм имам шанса да ја забележам 100-та победа, но покрај Ѓоковиќ или Надал, па и другите квалитетни тенисери, и со многу тешката ждрепка, задачата е многу потешка – вели Федерер.
Федерер ќе има силна конкуренција, пред сѐ, во првиот светски рекет, Ѓоковиќ (31), кој е единствениот со три триумфи во низа, и исто така ја посакува рекордната седма победа во Мелбурн и во Шпанецот Рафаел Надал (32), кој само еднаш победил во Мелбурн, во 2009-та. Кога сме кај Федерер треба да се спомене дека тој има шанса да биде и највозрасниот победник во Мелбурн на 27 јануари – на 37 години, пет месеци и 20 дена. Приматот во таа категорија го држи Австралиецот Кен Розвел, кој кога победи во 1972 година имаше 37 години и 63 дена.
Кај жените има повеќе тенисерки што можат да победат, предводени од прворангираната, Романката Симоне Халеп, па Вознијацки, Елина Свитолона, Каролина Плишкова, Слоун Стивенс или Наоми Осака. Но со многу мотиви во Мелбурн доаѓа и Серена Вилијамс (37), која доколку триумфира ќе се израмни со Маргарет Корт, која има рекордни 24 гранслем-трофеи (11 во Опен ерата).
Ждрепката одлучи во четвртата рунда во Мелбурн да се сретнат Халеп и Вилијамс, меч што ќе даде некои одговори околу можностите и шансите на Серена за осмиот триумф.
Најдолгиот меч траел 5,53 часа!
Најдолгиот меч во Мелбурн го имаат одиграно Ѓоковиќ и Надал во 2012 година, што траел 5,53 часа (победи Ѓоковиќ). Наградниот фонд годинава ќе изнесува 62,5 милиони австралиски долари од кои најдобрите ќе добијат по 4,5 милиони долари. До пред четири децении тенисерките беа дискриминирани и добиваа трипати помалку пари од тенисерите, но од 2000-та па наваму наградниот фонд е израмнет и наградите се исти.
Првиот турнир во Мелбурн е игран на тревна подлога, на игралиште за крикет. Тоа траеше следните седумдестина години, до 1966-та, по што се мина на тврда подлога.
Како помош, односно додавачи на топчињата (ќе се употребат 50.000), се задолжени 300 момчиња и девојчиња врз волонтерска основа. Се очекува бројката на посетители на мечевите да го надмине ланскиот рекорд од околу 750.000. Исто така се очекува и рекордна потрошувачка на сладоледи, освежителни пијалаци и на сендвичи.