ИН МЕМОРИАМ

На 88-годишна возраст, вчера, во Скопје, почина доајенот на македонското спортско радионовинарство, Ивко Панговски (1931-2019). Тој речиси целиот работен век (до 1989-та) го помина во тогашното Радио Скопје. Неколку генерации љубители на фудбалот ќе го паметат по неговите инспиративни преноси и коментари од натпреварите на Вардар во тогашната Прва фудбалска лига на СФР Југославија.
Панговски со уште неколкумина колеги ги постави темелите на македонското спортско новинарство. Беше радиорепортер со срце, но истовремено и ненадминат дебатен стенограф со меѓународни признанија. Како што самиот изјави во една пригода, стенографирал 15 претседатели на југословенската влада.

Без неговото препознатливо „Гол, гол! Ништо, не е гол, драги слушатели!“ не минуваше речиси ниту еден фудбалски пренос по што тој ќе биде запаметен од љубителите на спортот во Македонија. Како коментатор од Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Сараево 1984 година, Панговски направил и ексклузивно интервју со познатиот актер Кирк Даглас за кое подоцна добил награда од Радио Скопје. Тој е добитник и на многу други професионални признанија.
По пензионирањето се занимаваше со публицистичка работа.