Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио решија да ја намалат бројката на посетители на натпреварите во едрење за една третина, на 3.300, поради можна опасност од цунами и заради побрза евакуација на посетителите на безбедни локации, објави „Гардијан“. Првично беше планирано натпреварите во едрење на островот Еношима, јужно од Токио, да можат ги следат 5.000 гледачи.
Јапонија е една од сеизмички најактивните земји во светот. Брегот на Пацификот, каде што ќе се одвива едрењето, е подложен на цунами, кое го предизвикуваат земјотресите. Идниот месец во Јапонија ќе се одбележи осмата годишнина од катастрофата во март 2011 година, во која настрадаа повеќе од 18.000 луѓе од огромното цунами по должината на североисточниот брег.
Постојат несогласувања во врска со веројатноста Токио во скора иднина да биде погодено од деструктивен земјотрес, но експертите од Владата предупредуваат дека е голема веројатноста пошироката област на Токио да ја погоди голем земјотрес во текот на следните 30 години.
Земјотрес може да предизвика големо цунами што ќе стигне до брегот за неколку минути, се наведува во владините извештаи. Одлуката да се намали бројот на гледачите на островот Еношима не е единствената промена што ја направија организаторите на ЛОИ 2020 во поглед на ранливоста на Јапонија од можни природни сили и екстремни временски услови. Весникот „Јомиури Шимбун“ објави дека организаторите одлучиле почетокот на машкиот и на женскиот маратон да биде во 6 часот наутро, час и половина порано од првично планираното, за да се избегне ризикот по здравјето на тркачите и на гледачите поради високите температури. Трката во брзо одење на 50 км ќе почне два часа порано, во 5.30 часот, велат од весникот, цитирајќи извори блиски до Игрите.
Во јули минатата година во Јапонија починаа 133 лица од топлотен удар и од исцрпеност, а илјадници други лица завршија во болница. Највисоката температура беше измерена на 23 јули, 41,1 степен во Кумагаја, град северозападно од Токио. Во неколку други града била регистрирана температура од околу 40 степени.