Најмногу гледачи во првата рунда по групи на ЕП во одбојка имало на натпреварите во Љубљана, во арената „Стожице“, во групата Ц, во која беше и Македонија, 48.136
Словенија и Русија повторно ќе се сретнат на Европското првенство (ЕП) во одбојка, овој пат во четврт-финалето, повторно во Љубљана, во арената „Стожице“, каде што во мечот од групната фаза Русите забележаа максимална победа со 3-0.
Словенците во четврт-финалето се пласираа по триумфот, прв официјален, над Бугарија со 3-1 (25-27, 25-17, 25-16, 25-17). Словенците беа подобри, особено на мрежа, освојувајќи 15 поени по успешните блокади, наспроти двете на Бугарите, а и подобро сервираа, забележувајќи девет аса (Бугарите два). Бранителите на титулата, Русите, меѓу најдобрите осум се пласираа по убедливата победа над Грција со 3-0 (25-16, 25-14, 25-16) во мечот што траеше само 71 минута (пократко траеше само дуелот Полска – Шпанија, 68 минути).
И преостанатите фаворити немаа проблеми во првата, осминафинална, нокаут-рунда. Светскиот првак Полска, освојувачот на бронзата од минатото ЕП, Србија, како и Франција не дозволија какви било изненадувања победувајќи ги Шпанија, Чешка и Финска со по 3-0. Германија, вицепрвакот од минатото ЕП, ја совлада Холандија пред нивните симпатизери во Апелдорн со 3-1, а во најинтересниот осминафинален меч, Украина ја совлада фаворизираната Белгија на домашен терен, во Антверпен со 3-2.
Одбојкарските статистичари пресметале и дека на натпреварите во првата фаза по групи во четирите земји, Словенија, Франција, Холандија и Белгија присуствувале вкупно 142.673 гледачи. Најмногу ги имало на дуелите во Љубљана, во арената „Стожице“, во групата Ц, во која беше и Македонија, 48.136 луѓе. Најголемата бројка гледачи била регистрирана на мечот Словенија – Русија, 10.731, што е показател дека Словенците ја сакаат одбојката. Кулминацијата би требало да следува на вечерашниот четвртфинален меч против Русија, на кој се очекува рекордна посетеност од над 12.000 гледачи, колку што собира салата.
Најгледан натпревар во првата рунда бил Полска – Холандија, одигран во Ротердам, на кој присуствувале над 11.000 навивачи. Втор по гледаност бил мечот Франција – Италија во Монпелје, каде што на трибините имало 7.114 гледачи.
На седумте осминафинални натпревари минатиот викенд присуствувале 37.056 гледачи (најмногу во Љубљана, 8.368), односно во просек над 5.000 по меч, бројка што, најверојатно, ќе биде надмината по денешните и утрешните четвртфинални дуели.
Четврт-финале
Денеска, 23.9.2019 г.
Словенија – Русија, Љубљана, Словенија (20.30 ч.)
Полска – Германија, Апелдорн, Холандија (20 ч.)
Утре, 24.9.2019 г.
Србија – Украина, Антверпен, Белгија (20.30 ч.)
Франција – Италија / Турција, Нант, Франција (20.45 ч.)
Осминафинале,
резултати
Словенија – Бугарија 3-1
Русија – Грција 3-0
Србија – Чешка 3-0
Германија – Холандија 3-1
Франција – Финска 3-0
Полска – Шпанија 3-0
Украина – Белгија 3-2
Италија – Турција синоќа