ЕДНА ГОДИНА СВЕТОТ И КОРОНАВИРУСОТ

Сите резултати, сите порази и победи сезонава не се реална слика за квалитетите и за можностите на спортистите. Ова што ни се случува во последнава година нималку не личи на спорт. Карантините, нередовните тренинзи, одложени натпревари, сето тоа силно влијае врз формата, физичката и пред сѐ врз психичката подготвеност на играчите, нивната игра и ефект на терен. Во вакви околности сметам дека резултатот треба да ни биде во втор план за сметка на здравјето на играчите. Верувам дека во скоро време ќе се најде решение за овој вирус, во спротивно лошо им се пишува на спортот и на сите општествени сфери на живеење, бидејќи сите гледаме колку човечки животи згаснаа како последица на коронавирусот и колкава е материјалната штета на економски план, вели Червар

Ковид-19 – Спорт 1-0, по првото полувреме од 365 дена. Спортот и спортистите беа изненадени од силината, непознатата тактика и налетот на невидливиот ривал, што остави неизбришлива трага на спортските терени, а натпреварите се одвиваат и со ехото на тапкањето на топката, чкрипењето на патиките, гласното довикување на тренерите, играчите или создавањето вештачки навивачки звук за ТВ-гледачите. Завладеа чудна спортска атмосфера, невидена досега, пандемијата на коронавирусот ја спушти „завесата“, а дали таа целосно ќе биде повторно крената годинава, уште е под прашалник. Мноштво спортски натпревари беа откажани или одложени, вклучувајќи го и најголемиот, Летните олимписки игри.

Некои поголеми спортски манифестации, под посебни здравствени протоколи и без публика, која всушност и му дава најголем шарм на спортот, сепак се одржаа на „стаклени нозе“ и кај нас и во светот, а чувството на постигнатите резултати како да беше во втор план. Полемиките се чини и понатаму ги брануваат спортските води околу нивната објективност кога би биле под нормални услови.
– Ова што ни се случува во последнава година ни малку не личи на спорт. Минатата сезона беше прекината откако беше прогласена пандемија на коронавирусот, а тековнава сезона е само вештачки обид да се одржи спортот во живот, и тоа само за да не се загубат финансиските интереси од телевизиските права – вели Лино Червар, поранешниот тренер на Металург и поранешен селектор на ракометните репрезентации на Македонија, Хрватска и на Италија.

СПОРТ ВО НЕВООБИЧАЕНИ УСЛОВИ

Речиси една година во светот владее пандемијата на коронавирусот, со тоа и спортот работи во невообичаени услови, а честите прекини на тренажните процеси и нередовниот систем на натпреварување имаат ефект во сите спортови.
– Сѐ што сакавме пред речиси една година беше да се вратиме во сала, на терен, на натпревари. Надежите ни беа неоправдани, па сезоната заврши без вториот дел. Во почетокот на сезонава имавме уште поголема надеж дека агонијата со ковид-19 е зад нас. Сега можам да кажам дека не сме ни блиску до тоа. Оваа сезона е тешка, како за играчите така и за управите, верувам, на сите клубови. Многу се откажаа, но најсилните продолжија, се надевам докрај. Она што беше наша цел е да се одигра секој натпревар, да не се загуби на маса, да има континуитет, натпреварување. Во голем дел го остваривме тоа. Финансиската криза, која беше последица од пандемијата за клубовите, не нѐ одмина и нас, но со новиот солиден ваучер и новата мерка на Агенцијата за млади и спорт за исплата на 33 отсто од ваучерот, ќе успееме многу брзо да ги пребродиме проблемите од финансиска природа – вели Зорица Блажевска, претседателка на ракометниот клуб Металург.

Според Червар, сите резултати, сите порази и победи сезонава, не се реална слика за квалитетите и за можностите на спортистите.
– Пандемијата на коронавирусот целосно го извади спортот од колосек. Некој ќе рече тоа е само еден вид грип, настинка, спортистите се силни и здрави луѓе, лесно го поминуваат тоа, но не е така. Згора, карантините, нередовните тренинзи, одложени мечеви, сето тоа силно влијае врз формата, физичката и пред сѐ врз психичката подготвеност на играчите, нивната игра и ефект на терен. Сите на терен влегуваме со желба и со мисла за добра, борбена игра и за победа, но во вакви околности сметам дека резултатот треба да ни биде во втор план за сметка на здравјето на играчите. Верувам дека во скоро време ќе се најде решение за овој вирус, во спротивно лошо му се пишува на спортот и на сите општествени сфери на живеење, бидејќи сите гледаме колку човечки животи згаснаа како последица на коронавирусот и колкава е материјалната штета на економски план – вели Червар.

СЕ ИЗГУБИ НАТПРЕВАРУВАЧКИОТ СПОРТСКИ ДУХ

Јанко Луковски, македонската кошаркарска легенда и тренер, вели дека пандемијата остави трага врз спортистите, клубовите, играта…
– Секако дека и пандемијата речиси цела година остави и тоа како негативна трага, како врз играчите, клубовите така и врз играта, која сега е со далеку послаб квалитет, но не само во кошарката, туку и во многу други спортови кај нас и во светот. Многу играчи беа погодени од вирусот, па мораа да одат во карантин, многу дуели се одложија, а некои и не се доиграа. Едноставно, се изгуби натпреварувачкиот спортски дух, кој со години бевме навикнати да го гледаме. Се надевам дека по завршувањето на пандемијата, работите повторно ќе се вратат на старите патеки и дека ќе уживаме во квалитетни спортски мечеви, но и резултати – изјави Луковски. Та.Д; Г.И.