Македонија има 10 ВМ-титули освоени во периодот од 1985 до 2013 година и 10 ИМ-титули, во периодот од 1989 до 2018 година. Од ИМ тројца имаат по еден освоен бал (норма) за ВМ, а еден има два
Не е лесно да се освои највисоката шаховска титула, велемајстор (ВМ), нешто за што мечтаат уште од мали нозе речиси сите шахисти. Како за споредба, Русија моментно има најмногу ВМ во светот, 251 со просечен рејтинг на првите 10 од 2.737 поени, а Македонија 10 со просек на првите 10 од 2.486 рејтинг-поени, меѓу вкупно 185 држави. Тие 10 ВМ-титули се освоени во периодот од 1985 до 2013 година. Македонија има и 10 интернационални мајстори (ИМ), во периодот од 1989 до 2018 година. Од нив, тројца имаат по еден освоен бал (норма) за ВМ, а еден има два. Но засега само двајца, Филип Панчевски и Никола Николовски, имаат реални шанси да станат ВМ, а преостанатите веќе кренале раце.
– Има повеќе фактори што не станав ВМ, како што се немање средства за усовршување и да можеш да избираш само квалитетни турнири за играње. Во еден момент, оти сме се определиле да бидеме професионалци, тргнуваш по светот по пари, каде што многу и не мислиш дали си ВМ или не, само гледаш да освојуваш награди. Потоа, во Македонија грижата за шахот е катастрофална и влијае демотивирачки. Ете, станав ИМ и пак нема пари, а и да станам ВМ пак ќе нема пари. Сѐ се сведува на опстанок за живот. Не треба да се заборават и околностите како што се бракот, студирањето итн. Мора некогаш и да се совпаднат работите за да успееш – вели ИМ Атанас Кизов.
Најблиску до тоа да стане 11-ти македонски велемајстор е ИМ Филип Панчевски, кој има два бала, а му недостига само уште еден.
– Причините кај секој шахист се различни. Мислам дека проблемот во Македонија е што немаме играчи со рејтинг од околу 2.600 поени. Некако врвот е околу 2.500, бидејќи повеќето македонски шахисти немаат поминато 2.550 рејтинг-поени. Доколку би имало посилна конкуренција, полесно би било за напредување и за достигнување на титулата ВМ. Имав неколку шанси да освојам норми за ВМ, но во последните кола ги испуштав шансите. Сепак, не се откажувам од борбата за највисоката титула – истакна Панчевски.
ИМ Орце Данчевски, пак, причината што не успеал да освои ниту еден бал за ВМ ја гледа поинаку.
– Според мене, тоа е преголемиот влог во учење и играње, а малата бенефиција од сето тоа, оти во Македонија и не постои шаховска институција што тој успех и ќе го валидизира. Кај нас се чини Никола Митков направи најдобро што замина во САД и си го материјализира целото свое шаховски знаење – вели Данчевски.
Околу бројот на македонски ВМ и нивната бројна застапеност свое гледиште има и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, кој 13 години бил ИМ, пред да стане ВМ, а во јули 1985 година дури бил и на 93-то место на светската ранг-листа.
– Причини има многу, почнувајќи од реалниот квалитет, па до професионално играње шах. Не е закономерност дека треба да се освои која било титула. Пофреквентната игра дава повеќе можности, но, сепак, освојувањето шаховска титула не е толку едноставно – нагласува ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.
И ИМ Дејан Стојановски многу ветуваше како млад, играше и за репрезентацијата, но, сепак, исполни една норма за ВМ.
– Не станав ВМ бидејќи ѝ се посветив на тренерската работа. Сакав да создадам семејство и проценив дека со играње професионален шах е многу тешко да се егзистира, а особено последниве 15 години – вели Стојановски.
Како до велемајсторска титула
Титулата велемајстор кај мажите се стекнува со остварување еден од следниве услови:
– две или три велемајсторски норми со најмалку 24 одиграни партии на турнири по Бергеровиот систем (30 партии на други турнири или на олимпијади) и рејтинг од најмалку 2.500 поени во моментот кога Конгресот на ФИДЕ го разгледува барањето за признавање на титулата или во период од седум години од денот на постигнување на првата таква норма
– пласман на мечевите на кандидатите за светски првак
– една велемајсторска норма на меѓузонски турнир
– прво место на младинско светско или континентално првенство
– на олимпијадите титулата може да се освои со една велемајсторска норма и 13 одиграни партии