Азиз Исмаил

До Игрите во Токио има уште околу 500 дена, квалификациите за повеќе спортови се почнати, а сите ќе траат до јуни в година. Од каратистите моментно Исмаил е 34-ти, Јакупи 39-ти, Стефановска 39-та, а кај таеквондистите Георгиевски е 51-ви, но без бодовите од победата во Истанбул

На околу 500 дена до почетокот на 32. Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година ниту еден македонски спортист ја нема исполнето потребната олимписка норма што е потребна за настап на Игрите. Во следниот период ќе бидат вложени многу труд и максимална ангажираност во настапите на квалификациските турнири, за да се биде во Токио, секако не сметајќи ја тука евентуалната покана од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Според моментното рангирање, засега најблиску со исполнета норма да го видат Токио се спортистите од каратето и од таеквондото.

Македонскиот олимписки комитет (МОК) одреди 12 спортисти што примаат стипендија, која им помага во обезбедувањето норма за ЛОИ 2020. Тоа се Дејан Георгиевски (таеквондо), Емил Павлов (карате), Берат Јакупи (карате), Пуликсенија Јованоска (карате), Наташа Стефановска (карате), Лина Ѓорческа (тенис), Дарио Ивановски (атлетика), Арбреша Реџепи (џудо), Нина Балабан (стрелаштво), Евгениј Поп Ацев (пливање), Елмедин Сејфулау (борење) и Магомедгаџи Нуров (борење). Секако, пласман на ЛОИ може да обезбедат и спортисти што не се стипендисти.

Дејан Георгиевски

Од каратистите засега најдобри пласмани моментно имаат Азиз Исмаил на 34-то со 435 бода, Јакупи на 39-то место со 630 бода и Стефановска на 39-то со 390 бода, според листата за март. Следните натпревари во Премиер-лигата, Серијата А и Европското првенство (ЕП) ќе влијаат многу во пласманот. На ЛОИ ќе настапат по 10 најдобри во секоја тежинска категорија.

– Прерано е да се каже за ЛОИ во Токио, меѓутоа бодувањето веќе почна, а токму претстојното ЕП во Гвадалахара може да се покаже и клучно за настап таму – вели Исмаил, кој е носител на злато на Балканијада (до 21 година), а во 2016-та и на сребро на ЕП за јуниори (до 21 година).

Таеквондистот Геогиевски без освоените поени за триумфот на турнирот во Турција е на 51-то место, со 72,80 поени, на листата објавена во почетокот на февруари. И тој е голем оптимист.

– Не само што верувам дека ќе бидам дел од ЛОИ туку оттаму ќе се вратам и со медал, иако конкуренцијата е голема, а патот дотаму ќе биде особено тежок, уште повеќе ако се знае дека на ЛОИ има четири тежински категории, кои ќе имаат по 16 натпреварувачи – рече тој.

Пливачкиот маратонец Поп Ацев шансата за настап ја бара во трките на 10 км, оти неговата специјалност, маратоните на 30 км, не се дел од ЛОИ. За пливачите во базени има А и Б – олимписка норма.

– Целосно сум фокусиран на маратонско пливање. Мојата олимписка дисциплина е ограничена на 25 учесници, од кои еден мора да биде домаќин и уште петмина од другите континенти, што значи дека има 19-20 места што водат на ЛОИ. Првите квалификации се на Светското првенство во Гвангжу во јули, од каде што влегуваат првопласираните 10. Вторите се в година во јуни, од каде што влегуваат преостанатите 15 – вели Поп Ацев.

Атлетичарот Ивановски, кој на неодамнешното ЕП во сала настапи со исполнета норма, својата шанса за настап во Токио ќе ја бара во трките на 1.500 метри, меѓу другите и на ЕП за јуниори во Шведска, на СП во Катар, како и на Европското екипно првенство (трета лига) во Скопје во август.

Во џудото, кое во Токио ќе биде застапено со по седум категории во машка и во женска конкуренција, а првпат и екипно (машки и женски) директен пласман во сите седум категории обезбедуваат 18-те најдобри на олимписката ранг-листа, која ќе биде објавена на 25 мај 2020 година, плус уште пет од секој континент и еден џудист со покана.

Стрелачките Балабан и Ана Ивановска во дисциплината 10 метри со воздушна пушка моментно се на 190-то место, Борјан Бранковски е на 107-то, а Јордан тасевски е на 147-то во дисциплината 10 метри воздушен пиштол. Во Токио ќе настапат по тиресетина стрелачи во секоја дисциплина.

Тенисерката Ѓорчевска моментно е 383-та на светската ранг-листа за жени. Во Токио ќе има пет дисциплини, поединечно мажи и жени (со по 64 натпреварувачи), машки и женски двојки (32) и мешани двојки (16). Норма ќе настојуваат да обезбедат и борачите Сејфулау и Нуров, меѓу 128-те натпреварувачи (плус двајца од земјата домаќин), односно по 16 во категорија, низ шест квалификациски турнири (СП, континентални првенства и квалификациски турнири).

Од екипните спортови можност имаат само ракометарите, ако претходно обезбедат настап и висок пласман на Европското првенство в година, со што би се пласирале на квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ.

На Игрите во 2008 година во Пекинг последен пат македонски спортист настапи на ЛОИ со исполнета олимписка норма.


Светската рекордерка Наковска-Бикова обезбеди норма за ПОИ 2020

Стрелечката Оливера Наковска-Бикова засега е единствената Македонка што ја има исполнето нормата за настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио во 2020 година.
Тоа ѝ успеа на Светското првенство (СП) во Чеонгју (Јужна Кореја), во мај минатата година, во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 25 метри. Таа во квалификациите со 570 погодени круга го израмни светскиот рекорд, во конкуренција на 31 натпреварувачка, а во финалето го освои бронзениот медал.
Настапот во Токио ќе ѝ биде петти во низа на ПОИ, а во Лондон во 2012 година Наковска-Бикова го освои златниот медал со воздушен пиштол (10 метри). Во минатото медали од ПОИ освојуваа и Бранимир Јовановски (злато во 1992 година во Барселона) и Ванчо Каранфилов (сребро во 2004 година во Атина).
– Можност да исполнат норми во стрелаштво имаат уште Александар Јовановски и Ванчо Каранфилов. Тие шансата за директен пласман ќе ја бараат на светските првенства во Сиднеј годинава и во САД в година, како и на светските купови – ни изјави селекторот Бранимир Јовановски. Г.И.

Оливера Наковска-Бикова