Македонија попладнево во Љубљана (17.30 часот) со натпреварот против Финска ги почнува натпреварите во групата Ц на ЕП 2019, во која се уште Русија, Турција, Белорусија и Словенија
Одбојкарската репрезентација на Македонија попладнево (17.30 часот, арена „Стожице“, пренос на МТВ) против Финска ќе го игра првиот, историски натпревар, на завршен турнир на европско првенство (ЕП). Македонија е во групата Ц, во Љубљана, со домаќинот Словенија, бранителот на титулата од минатото ЕП во 2017 година, Русија, Турција, Белорусија и со Финска. Четирите најдобри репрезентации од четирите групи ќе ги продолжат натпреварите во осминафиналната, нокаут-фаза. ЕП 2019 се игра и во Белгија, Франција и во Холандија.
Се реализира одбојкарскиот сон долг четврт век, од 1994 година кога Македонија во претквалификациите за ЕП 1995 во двомечот, во Струмица и во Виена, беше подобра од Австрија. Оттогаш па наваму се изредија неколку генерации одбојкари, првата со Владимир Ѓорчески како капитен, предводена од првиот селектор, Димитар Циев и Јошко Миленкоски како негов помошник. Потоа се изредија десетици одбојкари и многу тренери, за конечно генерацијата на Никола Ѓоргиев, со Србинот, Никола Матијашевиќ на селекторската функција, да се најде на финален турнир на ЕП.
Пласманот на ЕП (првпат во проширен состав со 24 репрезентации) е успех за Македонија. Реално, во силната група, како дебитант, Македонија е меѓу аутсајдерите, очекувањата не се (пре)големи, односно победа или две би биле одлични, а пласман во следната фаза, успех над сите очекувања.
Актуелниот првак Русија, која е победник и во Лигата на нациите (ЛН) годинава, е меѓу фаворитите, како и домаќинот Словенија, вицепрвакот од ЕП 2015. Словенците, кои лани првпат настапија на СП (беа 12-ти), веќе се квалификуваа и за ЛН 2020 и се на 17-то место на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ). За овие две селекции не би требало да претставува проблем да се пласираат во следната фаза, а за преостанатите две места еднакви шанси имаат Македонија, Турција, Белорусија и Финска.
– Сѐ е во најдобар ред, расположението е највисоко ниво, сите сме здрави и со нетрпение го чекаме првиот, дебитантски натпревар за Македонија на едно ЕП, против Финска. Знаеме сѐ за противникот, тие во составот вратија двајца квалитетни одбојкари, техничар и либеро, но од она што го видовме на видеоснимките од нивните натпревари мислам дека имаме големи шанси за победа што многу ќе ни значи за понатамошниот тек на турнирот. Мотиви имаме на претек, за вакви натпревари се живее и се тренира напорно – оптимист е капитенот и најдобар во составот на Македонија Никола Ѓоргиев.
Според информациите објавени на официјалната интернет-страница на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), во Словенија се чувствува одбојкарска треска. Организаторите соопштија дека имаат продадено повеќе од 20.000 билети за мечевите во групата Ц.
– Словенија дише за одбојката. Очекувам вистински спектакл во Љубљана и очекувам цела Словенија да ги бодри одбојкарите, кои во изминатите десетина години никогаш не одбија да играат за својата земја, за својата репрезентација. Тие ја заслужуваат поддршката. Сигурен сум дека ќе имаме успешно ЕП, подготвени сме за него – изјави претседателот на Одбојкарската федерација на Словенија (ОФС), Метод Ропрет, на прес-конференцијата во арената „Стожице“.
По ребрендирањето на ЦЕВ годинава, промовирана е и првата маскота на Европските првенства. Станува збор за „Ас“, кој ги содржи сите карактеристики на одбојкар, кој е млад, брз, агилен и скока како верверица и е подготвен да го преземе предизвикот и да биде препознатливо лице на врвните одбојкарски настани. Поимот „Ас“ е општопознат во одбојкарскиот спорт, поради што се очекува маскотата ќе биде голем хит кај љубителите на овој спорт. „Ас“ ќе биде присутен на сите турнири во ЦЕВ, вклучувајќи ја и одбојката на плажа и на снег.
МАКЕДОНИЈА
1. Дарко Ангеловски
2. Ѓорги Ѓоргиев
3. Ристо Николов
4. Никола Ѓоргиев (капитен)
5. Владо Милев
7. Славе Наков
8. Александар Љафтов
10. Александар Милков
11. Филип Деспотовски
12. Филип Николовски
14. Иван Андонов
15. Филип Маџунков
16. Стојан Илиев
18. Васе Михаилов
Селектор: Никола Матијашевиќ
ДВОЈКИ, 1. КОЛО
ГРУПА А
Бугарија – Грција 14.15 ч.
Португалија – Италија 17.15 ч.
Франција – Романија 20.45 ч.
мечевите се играат
во Монпелје
ГРУПА Б
Србија – Германија утре
Словачка – Шпанија утре
Белгија – Австрија утре
мечевите се во Брисел и во Антверпен
ГРУПА Ц
Турција – Русија 14.30 ч,
Македонија – Финска 17.30 ч.
Словенија – Белорусија 20.30 ч,
мечевите се играат
во Љубљана
ГРУПА Д
Чешка – Украина 14 ч.
Естонија – Полска 17 ч.
Холандија – Црна Гора 20 ч.
мечевите се во Ротердам и во Амстердам
МЕЧЕВИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
денеска Македонија – Финска 17.30 ч.
утре Македонија – Турција 17.30 ч.
сабота Македонија – Русија 17.30 ч.
понеделник Македонија – Белорусија 20.30 ч.
вторник Македонија – Словенија 17.30 ч.
мечевите се играат во арената „Стожице“
со капацитет од 12.000 места, во Љубљана
ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ
Русија 14
Италија 6
Чешка 3
Србија 2
Полска 1
Франција 1
Холандија 1
Романија 1
Шпанија 1
Миленкоски: Првите два меча се најбитни за Македонија
Првиот меч попладнево против Финска, потоа и наредниот, утре, против Турција се најбитни за Македонија. Со стартна победа над Финска ќе се зголеми самодовербата, па и еланот бидејќи пласманот на ЕП за Македонија е успех, а како за дебитанти не постои притисок или императив да се забележи некаков поголем успех, вели Јошко Миленкоски, поранешен селектор на Македонија и на Турција, успешен долгогодишен тренер на турските клубови Мили Пјанго и Зиратбанка, на Будванска ривиера, Работнички и други.
Во кратката анализа на репрезентациите во групата Ц во Љубљана, Миленкоски вели дека Русија и Словенија се без конкуренција и оти Македонија не е без шанси во дуелите со преостанатите три селекции, Финска Турција и Белорусија.
– Распоредот ѝ одговара на Македонија, првите два дена играме против ривали со кои би требало да бидеме рамноправни, потоа со Русија, меч за своевидна подготовка за понеделничкиот дуел со Белорусија. Турција ќе биде некомплетна на ЕП, без најдобриот, Субаши Бурутај, кој е повреден, а ќе недостигаат уште неколку квалитетни одбојкари. Белорусија не е којзнае колку силна, според квалитетот е во рангот на Украина против која Македонија играше неодамна на турнирот „Чајка“. Финска последниве години настапуваше со подмладен состав, за ова ЕП ги вратија двајцата најдобри, но треба да се види како тие ќе се вклопат во составот. Русија за мене е една од најдобрите селекции на ЕП, веројатно е и посилна отколку летово кога триумфира во Светската лига. Имаат и нов, млад, но многу квалитетен селектор, Финецот Томас Самелвуо и за мене се меѓу главните фаворити за нова титула. Словенците се домаќини, имаат квалитетен состав, амбиции, а и играат пред домашната публика, што е битно – вели Миленкоски.
Две бронзи од ЕП за Богоевски, по една за Тасевски и за Србиновски
Владимир Богоевски, најдобриот македонски одбојкар на сите времиња, и еден од најдобрите во Европа и во светот, настапил на седум европски првенства (ЕП), на четири како играч и на три како тренер. На ЕП 1975, што се одржа во Скопје и во Белград, и на ЕП 1979 во Франција, во дресот на СФР Југославија тој го освои бронзениот медал. Богоевски настапи и на ЕП 1977 во Финска (седмо место) и на ЕП 1981 во Бугарија (10-то место).
Освен како играч, Богоевски бил дел од стручниот штаб на репрезентацијата на СФРЈ на уште три ЕП, во 1987 година во Белгија, 1989 во Шведска и во 1991 година во Германија.
На ЕП 1979, покрај Богоевски, дел од репрезентацијата на СФРЈ, и освојувачи на бронзени медали беа уште двајца одбојкари од Македонија, Александар Тасевски и Горан Србиновски.