Машката одбојкарска репрезентација на Македонија со утрешниот прв натпревар во групата А, против Косово, на гости во Урошевац (сала „Бил Клинтон“, 16.30 ч.) ја почнува новата кампања во Европската лига, која од годинава има ново име, Сребрена европска лига.
Противници на Македонија во групата А, покрај Косово, се Австрија и Летонија. Во групата Б се Хрватска, Унгарија, Белорусија и Албанија.

Домаќин на завршниот фајналфор-турнир, на кој ќе настапат двете првопласирани селекции од двете групи, ќе биде Македонија, во Скопје, на 15 и 16 јуни.
Македонија, на која како домаќин и е загарантирано место на финалниот турнир, се смета за фаворит за освојување на првото место во групата, покрај Австрија. Затоа шесте меча со Австрија, Летонија и Косово, дома и на гости, практично ќе бидат подготовка за главната работа, за настапот на фајналфорот и освојување на првото место, по трите втори места во 2015, 2016 и во 2017 година.

Македонија и годинава ќе биде речиси во истиот состав како и лани, со искусни и проверени сили, предводени од капитенот Никола Ѓоргиев. Нов е само селекторот, Србинот Љубомир Травица (64), поранешен репрезентативец на СФРЈ, потоа успешен тренер во повеќе европски клубови.
Во оваа т.н. прва фаза, за натпреварите во групата, Травица не ќе може да смета на првиот плејмејкер Ѓорѓи Ѓоргиев и на Александар Љафтов, кои се повредени, но се очекува да бидат подготвени за завршниот турнир кон средината на јуни. 


Ѓоргиев се враќа во Јапонија, во Осака

Никола Ѓоргиев по една сезона мината во Онико Варшава, „хитот“ во полската лига годинава, се враќа во Јапонија, во Сакаи блејзерс од Осака. Ѓоргиев претходно, две сезони, од 2015 до 2017, настапуваше за Торај ероус од Мишима, со кој ги освои шампионската титула и Куровашики-купот и беше прогласен за најдобар играч во јапонската лига.
Во 2014/2015, Ѓоргиев играше за француски Париз волеј, каде што исто така го доби признанието за најдобар играч (МВП) на сезоната.