Подготовките на македонската одбојкарска репрезентација за деби-настапот на ЕП ќе почнат на 2 јуни во Скопје, а селекторот Матијашевиќ деновиве треба да го објави списокот со играчи на кои ќе смета за тие подготовки и подоцна за мечевите на ЕП во Љубљана
Обемните подготовки за премиерниот настап на македонската одбојкарска репрезентација на Европското првенство (ЕП) во септември годинава во Љубљана, Словенија што зимава ги најави селекторот, Србинот Никола Матијашевиќ (тренер е на францускиот прволигаш Рен), ќе се реализираат во целост, потврдуваат од канцеларијата на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Селекторот Матијашевиќ од Франција ни најави дека поширокиот список на одбојкари (дваесетина) ќе го објави до крајот на оваа или најдоцна до почетокот на следната недела. Тој потврди дека ќе има и нов помошник во стручниот штаб, во улога на кондициски тренер. Тоа е Французинот, професор Кристијан Капфер, од Париз волеј, каде што моментно настапува плејмејкерот на македонската репрезентација, Ѓорѓи Ѓоргиев.
– Првиот собир на репрезентативците е закажан за 2 јуни во Скопје каде што ќе се тренира до 2 јули. Потоа ќе следува мал одмор по што подготовките ќе продолжат во Маврово, од 14 јули до 14 август. Кон крајот на август, на 30 и 31, во Скопје ќе се одржи силен меѓународен турнир на кој ќе настапат Македонија, Бугарија, Белгија и Украина. Тоа всушност ќе биде 43-от меморијален турнир „Бранко Хаџи-Иљоски Чајка“ што традиционално секоја година се одржува во Тетово, во чест на тетовската и македонска одбојкарска легенда. Но сега заради потребите на репрезентацијата првпат ќе се одржи во Скопје – вели Зоран Карановиќ, генералниот секретар на ОФМ.
По ова Македонија би требало да замине за Австрија, потоа и за Словенија, на завршните подготовки и за одигрување неколку контролни средби.
Македонија првпат во историјата ќе настапи на едно големо одбојкарско натпреварување, на ЕП (од 13 до 29 септември) што првпат ќе се одржи во четири земји, Франција, Холандија, Белгија и Словенија и на кое првпат ќе настапат 24 репрезентации. Македонија е во групата Ц, во Љубљана, со домаќинот Словенија, со актуелниот европски првак Русија, Турција, Финска и со Белорусија. Македонија деби-настапот на ЕП ќе го има на 12 септември против Финска.
Пласман во следната фаза на ЕП ќе обезбедат четирите најдобри репрезен тации од четирите групи.
Во вторник финале на Купот, потоа трка за титулата
Во финалето на Купот на Македонија во одбојка (најверојатно во Струмица, во вторник, 30 април) ќе се сретнат Џио Струмица и Универзитет Тетово во машка, односно Наковски волеј – Работнички Скопје во женска конкуренција. Во полуфиналињата Џио Струмица беше подобра од Шутова, а Универзитет Тетово од Вардар. Кај жените, Наковски волеј и Работнички Скопје ги елиминираа Пелистер волеј, односно и Работнички жени.
Во првенството во Првата лига во тек се натпреварите од завршната фаза од разигрувањето за титулата. Кај жените во полуфиналето ќе играат Работнички жени – Јанта волеј и Работнички Скопје – Наковски волеј. Во машка конкуренција за титулата ќе разигруваат Џио Струмица – Вардар и Универзитет Тетово – Шутова. Натпреварите почнуваат на 8 мај, а се игра до два добиени меча.