Од нив, 26 се во машка, а 14 во женска конкуренција, од 13 држави, меѓу кои е и ланскиот победник, Германецот Александар Стужински, додека од Македонија ќе пливаат Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски, a првпат ќе се пливаат 25 км, вели претседателот на ПФМ, Александар Маленко, во пресрет на утрешниот старт (12 ч.)
Вкупно 40 пливачи, од кои 26 во машка и 14 во женска конкуренција, од 13 држави, ќе настапат на годинашниот Охридски пливачки маратон, а меѓу нив е и ланскиот победник, Германецот Александар Стужински, потоа Аргентинецот Дамјан Блум, Италијанецот Едуардо Стокино и многу други истакнати пливачки маратонци. Од Македонија ќе настапат Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски, додека во женска конкуренција ќе немаме наша претставничка. Конечната листа на пријавени учесници, која е мошне квалитетна, ќе биде објавена денеска, по одржувањето на прес-конференцијата во Охрид, ни изјави претседателот на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ, Александар Маленко, во пресрет на 32-то издание, кое ќе се одржи утре, со почеток во 12 часот.
Охридскиот пливачки маратон, поточно патеката Климе Савин, годинава ќе биде видоизменет, иако почетокот и целта остануваат исти. Најзначајната промена, според Маленко, е неговата должина, односно, наместо како што се пливаше досега 30 км, на целта ќе се стигне по 25 испливани километри, со што овој маратон ќе стане дел од светската и европската елита, а не како досега во ФИНА гранпри-трките за маратони до и над 30 км.
– Љубителите на пливањето не само што ќе имаат можност да ги гледаат од брегот маратонците туку ќе можат, што се вели, и да ги допрат натпреварувачите, ако се најдат со душек во езерото, бидејќи тие ќе пливаат крај самиот брег. Патеката е скратена кај Љубаништа, дел од Градиште до хотелот „Гранит“, а во финишот преку „Куба Либре“ директно ќе се влегува во целта – појаснува Маленко, сепак резигнирано нагласувајќи дека годинава државата дигнала раце од оваа манифестација, а нејзиното одржување е благодарение на неколкуте спонзори.
Најмногу победи на пливачкиот маратон во Охрид има остварено Бугаринот Петар Стојчев (11), додека по еднаш триумфирале и Македонците Евгениј Поп Ацев (2015) и Томи Стефановски (2016).
Како што е познато, на 18 август во Охрид се одржа и меѓународниот пливачки маратон на 10 км, кој беше добра увертира за она што ќе се случува утре на Охридско Езеро. На таа трка триумфираа аргентинските пливачи Гилермо Бертола и Елизабет Сесилија Биаџоли. Единствениот македонски претставник во машка конкуренција Александар Илиевски заврши на петтата позиција, а ист пласман, но во женска конкуренција, оствари Ева Петровска.