Брејкденсот, сурфањето, спортското качување и скејтбордингот се провизорно вклучени во олимписката програма за Летните олимписки игри во (ЛОИ) во 2024 година во Париз, објави Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Организацискиот комитет на ЛОИ 2024 е вториот што можеше да предложи дополнителни спортови што би биле вклучени на соодветните ЛОИ. Оваа флексибилност е дел од Олимписката агенда 2020 на ИОК.
– Четирите спорта што ги предложи Париз се целосно во согласност со Агендата 2020, бидејќи придонесуваат за програмата да стане порамномерна помеѓу половите и урбана, како и тоа да понуди можност да се поврзе со помладата генерација. Предложените спортови се во согласност со овие принципи и го подобруваат целокупниот концепт за динамични Игри во Париз во 2024-та, кои се фокусираат на инклузивност, инспирирање нова публика и организирање општествено одговорни игри – рече Томас Бах, претседателот на ИОК.
За брејкденсот и за спортското качување се доделуваа медали на Младинските олимписки игри во Буенос Аирес во 2018 година, а скејтбордингот, спортското качување и сурфањето ќе дебитираат на ЛОИ во Токио в година. ИОК конечната одлука за вклучување на предложените спортови на ЛОИ 2024 треба да ја донесе во декември 2020 година.