На помалку од еден месец до почетокот на јубилејното 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах во Скопје (18-29 март), засега својот настап го потврдија 354 учесници од 42 држави, од кои импресионира Русија со дури 49 шахисти. Од Македонија досега се пријавени 19. Од сите пријавени 141 се велемајстори (ВМ), што навестува дека ќе биде надминато 2-то ЕП во Охрид во 2001 година кога играа 142 ВМ. Рекордот во оваа категорија го држи ЕП 2007 во Дрезден со 188 ВМ, а според бројот на учесници ЕП 2010 во Риека со 408.
– Засега на организациски план сѐ се одвива според планот. Очекувам да се пријават уште дваесетина дополнителни квалитетни шахисти, особено од Украина, Шпанија и од Англија, но вкупниот број најверојатно нема да ја надмине бројката од 400 шахисти што, сепак, е задоволително. Планирано е мечевите од првите 50 табли да бидат пренесувани во живо на повеќе шаховски линкови, а преговараме со некоја од македонските телевизии, која би правела секојдневна получасовна емисија за време на првенството – вели Благоја Богоевски, претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ).
Засега прворангиран е актуелниот европски првак во забрзан шах од ланското ЕП во Скопје, Русинот Владислав Артемиев (2.709 рејтинг-поени), а има уште тројца шахисти со рејтинг над 2.700. Од македонските шахисти најдобро котира ВМ Кирил Георгиев (2.595), кој моментно е рангиран на 76-то место.
– Веќе е упатена официјална покана до новиот претседател на Светската шаховска федерација, ФИДЕ, Русинот Аркадиј Дворкович, да присуствува на свеченото отворање, а сигурно ќе биде присутен и првиот човек на Европската шаховска унија, ЕЦУ, Грузиецот Зураб Азмајпарашвили. Правиме напори во Скопје како гостин да го донесеме и поранешниот светски првак, Русинот Анатолиј Карпов, кој би одиграл и една симултанка – вели Богоевски.
Македонски шахисти досега настапиле на девет ЕП со вкупно 26 шахисти, а најдобар пласман, 4-то место, остварил ВМ Кирил Георгиев во 2003 година.
– Засега за Европското првенство во Скопје во март слаб е одзивот на македонските велемајстори (пријавени се Кирил Георгиев и Александар Чоловиќ – н.з.), а посебно што турнирот се игра во Македонија. Во разговор со некои од нив добив одговор дека не биле многу подготвени, други имале и работни обврски, трети дека немало да остварат добри резултати и затоа апстинираат, што за мене е навистина чудно – вели Богоевски.