Јошко Миленковски (1)

Миленковски со одбојкарскиот клуб Работнички Фершпед освои 15 титули и 12 купа на Македонија, а еден Куп и со велешки Борец Универзал. Повеќе од 15 години ја предводеше македонската репрезентација како тренер и селектор

Нема сомнение дека еден од најпопуларните крушевчани, Јошко Миленковски, е најтрофејниот македонски, не само одбојкарски, туку воопшто спортски тренер. Тој на терените во Македонија со одбојкарите на Работнички Фершпед во последната декада од минатиот и првата од овој век, беше толку доминантен и неприкосновен што освои дури 15 шампионски и 12 куп-титули, а еден Куп и како тренер на Борец Универзал промет. Колку Миленковски е навлезен во одбојката говори и податокот што тој експресно го заврши Факултетот за образование, спорт и здравје, потоа во 1986 магистрира, а во 1999 година и докторира!
– Во Крушево, во минатото егзистираа неколку клуба во повеќе спортови. Тука беа фудбалскиот клуб Питу Гули, скијачкиот клуб Мечкин Камен, имаше и кошаркарски клуб, а многу популарен беше и одбојкарскиот клуб Нико Доага. Многумина што ме познаваат знаат дека таа ми беше првата спортска љубов, со оглед на тоа дека сѐ што постигнав, а и натаму постигнувам, е во одбојката. Јас почнав како пионер, а потоа и младинец да играм фудбал во клубот Питу Гули. Но кога помислив дека ќе градам фудбалска кариера, дојде до една несакана повреда, која подолг период ме оддалечи од тренинзите и натпреварите. Во меѓувреме, додека ја санирав повредата, почувствував дека таа, доколку продолжам да играм фудбал ќе се повторува и ќе ми создава нови проблеми. Затоа решив да го напуштам фудбалот и да почнам да тренирам одбојка, спорт во кој нема да се чувствуваат последиците од фудбалската повреда. Во тој период, во 70-тите години од минатиот век, во Крушево многу беше популарен одбојкарскиот клуб Нико Доага, кој само по една година од формирањето влезе во Македонската лига. Интересно е дека од првиот момент кога стапнав на паркетот веќе знаев дека го одбрав вистинскиот спорт – ја почна својата приказна Миленковски.

БРЗО ДОАЃАЊЕ ВО ВАРДАР

Миленковски полека стануваше еден од клучните играчи во тимот. Тој можеше да одговори на сите задачи што од него ги бараше тренерот Димитар Димески, оти беше способен да игра на сите позиции на теренот. Ако беше потребно, Јошко беше смечер, потоа блокер, универзален играч.
– Тоа беше убаво време, кога цело Крушево зборуваше за одбојката. Тогаш бевме и младински вицешампиони на Македонија и тоа на завршниот турнир што се одржа во нашиот град. Се играше на Гумење, а атмосферата беше прекрасна. Тие денови сѐ беше во знакот на одбојката, а ние бевме главните крушевски спортски херои. Покрај мене во екипата беа уште извонредните и талентирани одбојкари, Здравески, Сотироски, Маја, Чавкаровски, Ќурчиевски и уште неколкумина. Голем успех со Нико Доага постигнавме и на државното првенство во Љубљана, каде што го освоивме шестото место – појаснува Миленковски.

Потоа Миленковски со младинската репрезентација на Македонија настапува на Купот на Републиките и покраините и на Партизанската олимпијада во Фоча. Токму тие настапи на сојузните натпревари придонесоа да дојдат до полн израз квалитетите на Миленковски и неговите другари. Тие веќе станаа интересни за поголемите клубови, па тогаш во Црвена звезда замина Ќурчиевски, а за Јошко беше заинтересиран скопски Вардар, кој, пак, во тие години беше значаен фактор во југословенската одбојка. Но доаѓањето во Вардар имаше и една непријатна случка, за среќа, без поголеми последици.
– Тренер на скопскиот тим беше познатиот стручњак од Полска, Вацлав Бучински. Тој дојде во Крушево да разговара со мојот тренер Димески и со раководството на клубот околу моето минување во Вардар. Откако сѐ беше договорено тргнавме на ручек во манастирот „Преображение“. Бучински, кој беше дојден со сопругата и со својата полска „пегличка“ возеше пред нас, во еден момент излета од патот. Ние се уплашивме и помисливме на најлошото, зашто веднаш под патот имаше голема бездна. За среќа, Бучински со автомобилот добро се снашол и во последен момент застанал на една мала рамнина доволна колку да го сопре автомобилот! Кога го видовме епилогот од оваа незгода на сите ни олесна, оти на крајот непријатната случка имаше среќен крај. Ете таков беше мојот прв ден откако станав вардарец – на шега вели Миленковски.

МЛАДИНСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ НА МАКЕДОНИЈА

Миленковски дојде во Вардар кога имаше силна екипа и во која тешко можеше да се избори место во првата постава. Тука беа репрезентативните играчи Богоевски, Тасевски, Србиновски, Јанков, Докузовски, а уште се чувствуваше и играчкиот дух на Трифе Трифуновски, кој потоа беше и тренер.

– Бев свесен дека во една таква конкуренција тешко ќе можам да се наметнам, но тоа многу не ме загрижуваше. Бев решен да останам овде, зашто атмосферата беше убава, а поискусните играчи настојуваа на секој чекор да ми помогнат. Тоа многу ми значеше и ме охрабруваше. Сета таа помош од поискусните резултира со мој брз напредок како играч. Така станав капитен на младинската репрезентација на Македонија, а бев и младински репрезентативец на поранешна Југославија. Учествував и на Балканијадата во Букурешт во 1980 година, каде што бевме трети. Тогаш во тој состав беа и познатите имиња Чаушевиќ, Глинац и Арсланагиќ. Јас, сепак, покрај играчките амбиции имав и друга желба, а таа беше да раководам со нешто, а тоа нешто беше да водам екипа, односно да станам тренер. Оттогаш се моите амбиции за тренерската работа, а кои можев подоцна да ги реализирам зашто се запишав на Факултетот за физичко образование, а сега со додавката спорт и здравје, каде што преку науката ќе можев да ги продлабочам моите знаења. За моја среќа, Катедрата по одбојка ја водеше големиот стручњак, а пред сѐ човек, Димитар Циев. Подоцна со него, како мој ментор, развивме голема соработка, а по осамостојувањето на државата тој беше првиот селектор на нашиот национален тим, а јас на мое големо задоволство прв тренер. Многу го респектирав и од него многу научив, но морам да кажам дека со почит гледам и кон сите тренери, кои дадоа голем придонес за развојот на македонската одбојка, почнувајќи од Војче Синадиновски, Таки Џиков, Трифе Трифуновски, Владимир Богоевски, Александар Тасевски и сите оние што во еден пократок или подолг период на некој начин беа вклучени како стручни лица во одбојката – дециден е Миленковски

ОДБОЈКАРСКИ ФАНАТИК

Со оглед на големите тренерски амбиции, како да се наѕираше крајот на играчката кариера на Јошко Миленковски.
– Учењето и факултетот полека го преземаа приматот во моето секојдневие. Мој императив беше да станам врвен тренер. Затоа се навраќав години наназад да анализирам некои работи и со тоа да осознаам што повеќе за оние што ја градеа одбојката и го подигнуваа нејзиното ниво. Така, на пример, бев импресиониран од Никола Донев, една од првите одбојкарски легенди. Овој струмичанец, очигледно талентиран за одбојката, имаше нешто специфично во својата игра, па не случајно и покрај силната конкуренција стана првиот Македонец репрезентативец на поранешна Југославија. Токму во Струмица, град што има одбојкарска традиција и јас минав еден убав период од мојата играчка кариера и тоа во времето кога тимот настапуваше во Првата југословенска лига – вели Јошко.

Миленковски паралелно со факултетот беше играч, а истовремено и тренер на Работнички. Тој по дипломирањето во 1984/1985 година работи како професор по физичко воспитување во скопските гимназии „Јосип Броз Тито“ и „Орце Николов“. Во 1987 му станува асистент на професорот Циев, потоа магистрира, а во 1999 година и докторира. Миленковски беше вистински одбојкарски фанатик. Во годините кога неговото тренерско име почна да се врти во елитата, тој и натаму се усовршуваше и го создаваше шампионскиот тим на Работнички Фершпед. Истовремено му беше помошник на Циев во македонската репрезентација, за потоа да стане и селектор на националниот тим. Сето тоа требаше да се издржи.


Лична карта
Роден: во Крушево во 1960 година
Играчка кариера: Нико Доага, Вардар, Работнички, Струмица
Тренерска кариера: Работнички, Нико Доага, Борец Универзал промет, репрезентација на Македонија, селектор на Турција, тренер на два турски клуба, Мили Пијанго и Зираат банк, туниски Сфакс.
Успеси: вкупно 28 трофеи во Македонија, од кои 15 во првенствата на Македонија со Работнички Фершпед, 13 купа, од кои 12 со Работнички и еден со Борец Универзал промет. Учесник со четири екипи на четири фајналфор-турнири во Купот на ЦЕВ со Работнички Фершпед, Будванска Ривиера, Мили Пијанго и Зираат банк (2. место), втор во Купот на арапските земји со Сфакс.