Годинашната 106-та трка, со пет планински финиши, од кои три на над 2.000 метри, ќе почне в сабота во Брисел, по повод 50 години од првиот триумф на Меркс на Тур, а за време на трката ќе биде одбележан еден век од воведувањето на жолтата маичка за водечкиот велосипедист на трката
На 106-то издание на легендарната, најпозната и најгламурозна велосипедска трка во светот, Тур де Франс 2019, нема да биде исто без четирикратниот победник Крис Фрум (2013, 2015, 2016 и 2917-та) и без Том Думулан, кои се повредени, но шоуто мора да продолжи, вели директорот на Тур, Кристијан Прудом, додавајќи оти очекува крајно изедначена и докрај неизвесна трка.
Фрум имаше тежок пад пред две недели во Јужна Франција, удирајќи во бетонски ѕид со брзина од над 50 км/час. Притоа тој претрпе повеќе тешки повреди, заврши во болница на операција, по што ќе паузира најмалку шест месеци. Думулан, кој лани беше втор на Тур, зад Герент Томас, нема да настапи поради повреда на коленото.
Годинашното, 106-то издание на легендарната велосипедска трка ќе почне со првата етапа долга 192 км во околината на Брисел, Белгија, в сабота во чест на 50-годишнината од првиот од петте триумфи на Еди Меркс на Тур, а ќе заврши на 28 јули на Елисејските Полиња во Париз. На 19 јули ќе биде одбележана 100-годишнината од воведувањето на „жолтата маичка“ за водечкиот во генералниот поредок.
Вкупно велосипедистите ќе треба да извозат 3.460 км во рамките на 21 етапа, прво низ Пиринеите, за потоа да следуваат решавачките етапи на Алпите. Според Прудом, ова ќе биде и „највисокиот Тур во историјата“ (првата трка е возена во 1903-та), со пет планински финиши, од кои три на надморска височина над 2.000 метри, и со 30 категоризирани искачувања на планините. Годинава има само две хронометарски етапи во должина од по 27 км, индивидуална и тимска, што би требало да им оди во прилог на специјалистите за ридски етапи.
Како фаворити за триумф на Тур се издвојуваат ланскиот победник, Велшанецот Томас, и младиот, 22-годишен Колумбиец, Еган Бернал, двајцата од тимот Инеос (порано Скај). Томас би требало биде „главниот“ возач, кому другите од тимот ќе му помагаат, но и тој падна на трката околу Швајцарија и прашање е дали ќе биде на ланското ниво. Оттаму, некои стручњаци сметаат дека Бернал сега е подобар од него и оти има поголеми шанси за победа.
– За разлика од минатите години, сега нема изразит фаворит, има повеќе кандидати, трката ќе биде многу отворена, но мислам дека Бернал е најблиску до конечната победа, како поради неговите квалитети, така и поради силниот тим што е зад него – вели Шпанецот Алберто Контадор, двократен победник на Тур.
Покрај нив, како кандидати за триумф се сметаат Австралиецот Ричи Порт, Колумбиецот Наиро Кинтана, Данецот Јакоб Фуглсанг, Британецот Адам Јејтс, Италијанецот Винченцо Нибали, Шпанецот Микел Ланда, Французинот Роман Барде итн.
Тур де Франс има гледачи како СП во фудбал и повеќе од ЛОИ
За тоа дека станува збор за спортско шоу од највисок ранг говори и податокот дека Тур секое лето во живо покрај патеката го следат помеѓу 12 и 15 милиони луѓе. Според бројот на вкупниот број гледачи, Тур е на исто рамниште како и Светското првенство (СП) во фудбал, а е пред Летните олимписки игри (ЛОИ) и други големи спортски настани.
Кога станува збор за покриеноста, Тур го следат над 2.500 новинари, фоторепортери и камермани од над 650 медиуми. Трката ја пренесуваат стотина ТВ-куќи во над 186 земји, со енормна бројка гледачи од околу 3,5 милијарди луѓе низ светот (колку и ланското СП 2018 во Русија). „Мобилното село“, кое содржи околу 4.500 лица и е составено од велосипедисти, организатори, технички лица и други, во периодот од три недели ќе помине низ 250 села и града низ Франција.