Во седиштето на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во Лозана се одржа средба меѓу директорот за институционални односи со националните олимписки комитети во ИОК, Жером Поиви, и претставници на Владата на Македонија, Даниел Димевски и Ѓорги Тасев, како и претставници на Македонскиот олимписки комитет (МОК), претседателот Васил Тупурковски, генералниот секретар Сашо Поповски и директорот Владимир Богоевски. Средбата беше свикана по покана од ИОК, во насока на унапредување на состојбите во спортот во Македонија, објави МОК на својата интернет-страница.
На состанокот биле договорени четири чекори за надминување на состојбите. Така, според писмото од ИОК по состанокот, објавено на интернет-страницата на МОК, тековното спортско законодавство треба значително да се поедностави и новиот закон во суштина да се фокусира на основните принципи што ја регулираат организацијата на спортот во земјата, потоа улогата и одговорностите на владините тела и разните спортски организации, во согласност со основните стандарди на соодветните меѓународни спортски организации, и интеракцијата меѓу главните засегнати страни.
Според писмото од ИОК, прелиминарниот нацрт-план треба да биде испратен до ИОК најдоцна до 15 јануари 2020. „ИОК ќе го разгледа за да потврди дека е целосно усогласен со принципите и правилата што го регулираат олимпиското движење. Конечниот нацрт треба да биде готов најдоцна до крајот на првата недела од февруари 2020 година, по што ќе може да почне постапката иницирана од засегнатите надлежни авторитети и законот да биде усвоен во Собранието на Македонија најдоцна до мај 2020 година“, пишува, меѓу другото, во писмото од ИОК, објавено на официјалната интернет-страница на МОК.
Покрај ова, ИОК наведува дека треба да се потпише меморандум за разбирање помеѓу МОК и националните спортски федерации од една страна и засегнатите владини органи, врз основа на документ доставен од ИОК, не подоцна од декември годинава. Понатаму, во писмото на ИОК пишува за потребата од ревизија на статутот на националните спортски федерации во тесна координација со нивните меѓународни спортски федерации (МСФ), за да се обезбеди целосна усогласеност со статутот на нивните МСФ и принципите на олимписката повелба, а тој процес да заврши најдоцна до април 2020 година.
Ажурирање на статутот на МОК во тесна соработка со ИОК е четвртата точка, во која спаѓа и гласачкото мнозинство за олимписките спортски федерации во собранието и во извршниот одбор на МОК во согласност со олимписката повелба, кое треба да се донесе на следното редовно собрание, кое се очекува да се одржи на 21 декември годинава.