Шесткратниот гимнастички првак на Македонија, иако беше во најтесниот избор на кандидати за Oлимпијадата во 1968 година, во последниот момент беше изоставен од списокот на патниците. Сепак, неговата кариера заслужува респект, зашто долг период беше во врвот на југословенската, а неколку години беше неприкосновен во македонската гимнастика
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (106)
Македонскиот гимнастички спорт во 60-тите години од минатиот век имаше неколкумина врвни репрезенти, кои на одделни справи беа и меѓу најдобрите во поранешна Југославија. Еден од нив беше и Насе Кондовски, кој не само што беше врвен гимнастичар туку целиот свој живот и работен век им ги посвети на спортот и физичката култура. Тој беше човек што со сиот свој жар и ентузијазам влегуваше во големите предизвици, кои често носеа и опасности, но знаеше дека само со настојчивост и верба во она што го работиш може да стигнеш до целта.
Таков беше како спортист, а потоа и како личност, која директно беше инволвирана преку работното место во Републичкиот педагошки завод за подготвување на програмските активности за часовите по физичко воспитување во основните и во средните училишта.
Развојниот пат на Кондовски, што се однесува до гимнастиката, беше многу интересен. Откако неговото семејство од Костур се досели во Македонија, тој, како и сите деца во тие 50-ти години од минатиот век, се заинтересира за спортот. Меѓутоа, за неговите другари, па и за родителите, изненадувачко беше тоа што Насе уште како пионерче пројави љубов кон гимнастиката.
– За децата во тоа време главно собиралиште за спортска активност беа салите на ДТВ Партизан. Бидејќи со семејството се доселивме во Куманово, јас ја имав таа привилегија, како впрочем и сите кумановски деца, да одам да спортувам во тогашната најубава сала во Македонија. И навистина, кога ќе ја погледнев однадвор и кога ќе згазнев на паркетот внатре во салата, ме обземаше едно несекојдневно чувство. Таму, пак, најмногу се одвиваа гимнастичките активности. Ете, можеби од тие причини, а и поради респект кон мојот прв учител Гоце Тодоровски, и јас се најдов во гимнастичкиот спорт, иако ме привлекуваа и игрите, а и некои поединечни спортови, како на пример борењето. Да кажам дека подоцна, откако се преселивме во Тетово, каде што, исто така, имаше убава сала, во еден период активно се занимавав и со слободното борење. Во тоа време во Македонија дојде прославениот тренер и селектор на боречката репрезентација на Југославија, Љубомир Ивановиќ-Геџа, кој одржа неколку семинари. Еден од тие семинари, на кој присуствував и јас со моите другари, беше организиран и во Тетово. Ме привлече овој спорт и почнав да тренирам во БК Шар. Се натпреварував во најлесната категорија, до 48 кг, во која станав првак на Македонија, а и на Југославија, бидејќи слободното борење се практикуваше само во нашата, додека во другите републики од поранешната држава „главен“ беше грчко-римскиот стил, во кој Југославија имаше и олимписки шампиони и носители на медали (Симиќ, Хорват, Мартиновиќ) – вели Кондовски.
СЕПАК ГИМНАСТИКАТА ИМАШЕ ПРИОРИТЕТ
Во младешките години често се лута до конечната определба за некој спорт. Истото тоа се случуваше и со Насе Кондовски. Беше во дилема каде да замине, со што да почне сериозно да се занимава и во кој спорт ќе има најголеми шанси да успее. Кога на ова ќе се додаде дека тој еден период беше и фудбалер, дури заигра и за првата екипа на Тетекс, можете да замислите пред каква одлука се наоѓаше кога требаше конечно да реши дали ќе ѝ се врати на гимнастиката, која му беше првата спортска љубов, во борењето, во кое стигна и до шампионската титула, или во фудбалот, во кој, како што вели, се истакнуваше во извршувањето на задачите во одбранбената линија на тимот.
Во една таква ситуација, кога го оптоваруваа сите овие мисли, тој, сепак, реши, а и не згреши, да ѝ се посвети на гимнастиката, која како еден од базичните спортови доби приоритет во неговиот избор. Инаку, во пионерските денови, во 1958 година, кога живееше и тренираше во Куманово, со екипата на ДТВ Партизан, на натпреварот во тогашниот Титов Велес (сега Велес) на пионерското првенство на Македонија, на 12-годишна возраст, го освои првото место во поединечна и во екипна конкуренција. Тој резултат постојано го мамеше и како да го повикуваше да оди во гимнастиката, во која би можел да има уште многу титули и радости. И навистина беше така.
– Потоа животниот пат нѐ донесе во Тетово, град во кој гимнастиката имаше долга традиција. Иницијатор на сите активности, барем во тој период кога јас почнав сериозно да се занимавам со овој спорт, беше Јово Апостолски. Иако ова не му беше професија, тој длабоко беше навлезен во тајните на гимнастичкиот спорт и на многу пластичен начин ни ги демонстрираше основните елементи на сите шест справи. Морам да кажам дека голем придонес за развојот на гимнастиката имаше и легендарниот професор по физичко Васил Иљоски-Чајка, чие име и денес со почит се споменува во спортските кулоари, а и професорот Савиќ, кој, пак, директно беше инволвиран во овој спорт. Со еден збор, Тетово беше град што како да беше предодреден за гимнастиката, иако во него егзистираа и многу други спортови. Токму во тоа лежеше причината што и јас станав гимнастичар и во салата минував по четири и повеќе часа, увежбувајќи ги и најтешките елементи на сите справи – се сеќава Кондовски.
ПРОБИВ ВО ЕЛИТАТА
Откако прво стана пионерски, а потоа и младински првак на Македонија, Насе Кондовски почна да ги манифестира своите квалитети и во сениорска конкуренција. Тој имаше високи пласмани на сојузните натпревари, а во настапите на вратило и во прескок, неговите две омилени справи, имаше оценки над 9,00, што му обезбедуваа пласмани меѓу најдобрите во тогашна Југославија.
– Со своите вежби, особено со велеобртот и шраубата, станав интересен и за селекторскиот тим на југословенската репрезентација, па, така, добив и олимписка стипендија. Често одев на подготовки, некогаш и по еден месец во Љубљана, од каде што потекнуваа тогашните шампиони Миро Церар (олимписки првак на коњ со рачки), Бродник и Шрок. Тренингот со нив за мене беше многу значаен и од голема корист, зашто навистина од нив, кои имаа акумулирано големо искуство, имаше што да научам. Со голем ентузијазам влегов во олимпискиот циклус опфатен во периодот од 1964 година, па до Олимпијадата во Мексико во 1968-та – вели Кондовски.
Скопскиот земјотрес во 1963 година, како и во другите сфери, така и во спортот, ја отежна работата. Поради новонастанатите услови, во градот тешко се наоѓаше сала за тренинг. Дури и ако ја имаше, во неа немаше соодветни справи за тренинг. Така, според кажувањето на Кондовски, се случувало со „фиќото“ на тренерот, професорот Пепо Алексовски, претпладнето да одат во салата во Драчево, да вежбаат на една, а попладнето да одат во Ѓорче Петров да вежбаат на друга справа. На едно место ги немаше сите шест гимнастички справи, па поради тоа беше ова талкање и губење време одејќи од сала во сала. На ниво на Југославија почнаа критериумските натпревари за селектирање на најдобрите.
– На сојузните настапи настојував да ја оправдам довербата и да се пласирам меѓу најдобрите. Така, на првиот ваков натпревар во Славонски Брод, во 1965 година, кој имаше изборен карактер, почнав со пласман на 10-то место во повеќебојот. Потоа, на следниот натпревар се спуштив на шестото, па дојдов на петтото место. Истата година ја освоив републичката титула во Македонија, која во следните години ја освојував уште пет пати. На оние критериумските натпревари најзадоволен бев од настапот во Љубљана. Од она што го демонстрирав таму беше изненаден и експертот за гимнастика, професорот Ѓорѓи Спасов. Тој не можеше да верува дека стигнав до третото место. Со ова ги потврдив моите квалитети и станав репрезентативец и аспирант за настап на Олимпијадата, што не беше само мој туку тоа беше сон на секој спортист. Со борачот Борче Димовски, кој исто така беше олимписки кандидат (тој и настапи во Мексико), имавме заеднички подготовки во Македонија, под контрола на стручните лица од ЈОК и од Комисијата за квалитетен спорт и олимписки подготовки на СОФК-ка на Југославија. Но кога требаше да се направи оној последен чекор, немав поткрепа од Македонија. Едноставно, немаше кој да ме поттурне, па и јас да се најдам меѓу патниците за Мексико. Бев многу разочаран, бидејќи не се оствари мојот сон да учествувам на најголемиот светски спортски собир. Две години пред Олимпијадата настапив на Спартакијадата во Прага, па затоа потајно верував дека можеби тоа ќе биде виза за Мексико, но излезе дека не е така. Потоа кај мене се намалија ентузијазмот и желбата за некои поголеми резултати, зашто штом тогаш не успеав, знаев дека шансите за следната Олимпијада во Минхен во 1972 година, кога се очекуваше наплив на нови таленти, беа уште помали – вели Кондовски.
Сепак, она што го даде Насе Кондовски во македонската гимнастика останува забележено во аналите на овој спорт. Нема сомнение дека тој беше и останува централна личност на овие наши простори, во еден базичен но многу компликуван спорт, каква што е гимнастиката. Настапуваше до 28 години, а потоа ѝ се посвети на научната работа, а беше ангажиран и во судиската комисија. Тој беше арбитар и на многу меѓународни натпревари, а денес со голем ентузијазам ја извршува функцијата претседател на Федерацијата на спортски ветерани на Македонија.
Незаборавен настап во Лесковац
Од многуте натпревари, Кондовски со особено задоволство се сеќава на настапот на државното првенство во Лесковац во 1967 година, кое на некој начин беше и изборно за Олимпијадата во Мексико.
– Јас го освоив третото место во слободната и во задолжителната програма, а разликата помеѓу мене и првиот беше само еден, а помеѓу мене и вториот натпреварувач само половина поен. Можете да замислите колку беше драматична таа борба за шампионската титула – вели тој.