Македонија во неизвесен меч ја совлада Унгарија на гости со 3-2 (25-23, 25-23, 23-25, 23-25, 16-14) на почетокот од квалификациите за ЕП 2019 година
Одбојкарската машка репрезентација на Македонија забележа вредна победа на гости над Унгарија, 3-2 (25-23, 25-23, 23-25, 23-25, 16-14) на почетокот од квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2019 година, група Ф, чија завршница ќе се одржи во четири земји, Франција, Белгија, Холандија и Словенија.
Натпреварот во Будимпешта не беше на некое високо квалитативно ниво, имаше многу грешки од двете страни, особено при сервирањето и на приемот на сервисите, како и во организацијата на нападите. Одбраните беа послабиот дел кај двете репрезентации, а и блокот не функционираше како што посакуваа двајцата селектори. Но, на македонските одбојкари треба да им се симне капа за големата жалба за победа и за вложениот максимум.
Мечот беше крајно израмнет, неизвесен докрај (траеше дури 143 минути!). Македонија поведе со 2-0 во сетови, изгледаше сигурно и се чинеше дека е блиску до максимална победа од 3-0. Унгарците беа помалку збунети, но некако се созедоа, го добија третиот, потоа и четвртиот сет и израмнија на 2-2. Во петтиот рулет-сет одбојкарите на Македонија имаа повеќе нерви, па и среќа и заслужено прокнижија победа, која може да се покаже како пресудна за пласман на финалниот турнир на ЕП 2019 година.
Најдобар поединец во репрезентацијата на Македонија, наедно и играч на натпреварот беше капитенот, Никола Ѓорѓиев, кој забележа 42 поени. Кристијан Падар, најдобриот во редовите на Унгарците, имаше 19, а Александар Љафтов, кој на најдобар можен начин го прослави 28-от роденден, 17 поени.
– Битна, голема победа што ни ги отвора вратите кон завршницата на ЕП, но да не летаме многу, една победа, како и еден пораз, не мора ништо да значи, бидејќи остануваат да се одиграат уште пет натпревари во квалификациите од кои три се во август. Немаме време за радување, веќе в сабота нѐ чека дуелот со Украина, ако успееме да победиме ќе бидеме уште поблиску до ЕП, но не се оптоваруваме многу, ќе играме без притисок – ни изјави Ѓорѓиев.
Во вториот меч од првата рунда во групата Ф, Украина на домашен терен во Запорожје триумфира над Швајцарија со максимални 3-0 (25-16, 25-16, 25-20).