Најдобриот тенисер на светот Рафаел Надал наведе дека посaкува да го надмине швајцарскиот тенисер Роже Федерер во бројот на освоени гренд слем титули, но дека во моментот тоа не е приоритет и првенствено ужива во 11-та титула која ја освои на „Ролан Гарос“.
Надал го победи Доминик Тим со 3:0 во сетови во финалето во Париз и сега има вкупно 17 гренд слем титули, односно три помалку од неговиот најголем ривал Федерер.
– Сега сакам да уживам во оваа титула и не сакам да размислувам за следната. Секако дека имам амбиција, бидејќи го сакам тоа што го работам. Но, никогаш не сум размислувал на таков начин- истакна шпанскиот тенисер.
Според него „треба да се биде задоволен со она што се има, бидејќи ако постојано се споредуваме со другите секогаш некој ќе има повеќе и ќе бидеме незадоволни“.
– Секако дека би сакал да имам 20 гренд слем титули, дури и повеќе. Меѓутоа во овој момент сум фокусиран на оваа титула. И 17 е одлична бројка. Тоа што сум среќен со ова не значи дека сакам да запрам, туку ќе се борам за титулите на останатите турнири- нагласи Надал.
Надал и оваа сезона доминираше на земјена подлога, додека Федерер одлучи да ги пропушти сите турнири на земја.