Играта оди напред, најдобрите тројца напредуваат, но и младите се приближуваат до нив, а дали ќе се доближат додека тие сѐ уште играат тенис останува времето да покаже. Во секој случај тенисот што го гледаме сега е подобар од тој од пред две-три години, вели Шевченко, македонски тренер во Интернационалната тениска федерација
Како што тенисот еволуира, така и врвната тројка еволуира и тие се сѐ подобри и подобри. Доминик Тим, Александер Зверев и другите одат напред, но најдобрите, Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер и Рафаел Надал, исто така, последниве неколку години напредуваат. Младата генерација ги притисна и нив. Ѕвездите што уште ги освојуваат гранслемите губеа на некои турнири од младите и беа притиснати да ја менуваат играта, па и тие се подобрија. До кога ќе трае тоа, ќе видиме. Во секој случај тенисот што го гледаме сега е подобар од тој од пред две-три години, вели Горан Шевченко, македонски тренер во Интернационалната тениска федерација (ИТФ).
Тој вели дека не се знае дали брзо ќе дојде до промена на водечките во светскиот тенис.
– Кога најдобрата тројка ќе замине веќе нема да можеме да правиме споредба на младите со шампионите и тој тенис тогаш ќе биде врвниот тенис. Во однос на претходно не е многу сменето во тактиката, во техничките промени, но гледаме дека тенисерите сѐ повеќе ја отвораат играта и, дури од ситуации што се тешки за нив, тие бараат покомплицирани решенија. Порано се знаеше дека кога, на пример, Надал се брани, тој играше длабоко во средината или малку во дијагонала и така ја продолжуваше играта. Сега тој бара решенија подалеку од противниците, како контранапад. Тоа пред 3-4 години ретко се гледаше, а сега тоа ми кажува дека играта оди напред. Најдобрите тројца напредуваат, но и младите се приближуваат до нив, а дали ќе се доближат додека тие сѐ уште играат тенис останува времето да покаже – рече Шевченко.
Тој вели дека од уште помладата генерација има неколку 18-годишници, идни ѕвезди, како и тоа дека развојот на науката и на технологијата придонесува за напредокот во играта воопшто.
– Многу се развива видеоанализата, која е многу потребна. Се развива и медицинскиот дел за физичката подготовка на играчите, за тоа кој колку може, што може и што треба да му се обезбеди од исхрана и од суплементи. Мислам дека и оние статистики што се прават сега и начините на гледање на самата игра придонесуваат тенисот да напредува. Сега постојат толку програми што можат да ви дадат во детали информација за вашиот играч, за тоа како се движи, како покрива, кој чекор треба да го забрза. Порано, на пример, сме велеле „не е брз доволно, па ќе работиме да тоа“.
Сега можеби стартната брзина му е голема, но во забрзувањето потоа до топчето можеби некој од чекорите не ги работи како што треба, на пример оди прениско, превисоко и слично. Сите тие работи придонесуваат да се добие мал дел од секундата, кој е многу битен. Во тој контекст технологијата оди многу напред. Рекетите што ги користиме секогаш се унапредуваат со додатоци, со тежината, а и жиците се менуваат многу. Технологијата оди многу напред и со тоа и играта се менува. Има ситуација кога играчот во полн чекор, одеднаш застанува, се позиционира, го менува правецот и одигрува квалитетен удар и тоа му дава предност иако можеби бил во дефанзива. Тренерот со голо око не може да го види тоа, но може да го види со одредена технологија – вели Шевченко.
Самослик со Остапенко како најава на титулата на Ролан Гарос
Во Интернационалната тениска федерација работам на нивни проекти што се врзани со развојни програми на земјите во развој, како нивни експерт за едукација на тренери од прво и од второ ниво каде што патувам во повеќе од 40 европски земји како и работа со нивните тенисери. Трета обврска е водење тенисери во тимови. ИТФ има одреден буџет за развој на тенисери, па од различни држави се избираат најдобрите од европската листа на возраст до 14 години, по четири машки и женски. На едно место правиме камп и потоа тие играат на четири турнири од највисоко ниво во Европа за тенисери до 14 и до 16 години. На децата им е понудена можност да бидат со, според ИТФ, квалитетни тренeри и да тренираат меѓу себе, затоа што многумина од нив не секогаш имаат можност да тренираат со најдобрите играчи, со врсници од целиот свет, објаснува Горан Шевченко.
Со ИТФ тој е од 2000 година, од 2006 официјално.
– Од 2011 до 2018 година бев вработен и во Европската федерација како асистент за развој на Источна Европа. Оттогаш работев, со на пример, Елена Остапенко, Александра Саснович, Филип Крајиновиќ, Дамир Џумхур, Мирза Башиќ, Вера Лапко… Задоволен сум како напредуваат. Има една случка од пред две години. На Ролан Гарос се видов со Остапенко, седнавме, разговаравме, а бидејќи се немавме видено повеќе години ѝ велам: „Ајде едно селфи со идниот шампион на гранслем“. Таа почна да се смее. Тоа беше пред четврт-финалето на Ролан Гарос. Пет дена подоцна таа го освои Ролан Гарос. Таа беше тенисерка што беше импресивна, се гледаше веднаш дека ќе успее, не дека ќе освои гранслем, тоа е друга работа, оти тоа е нешто што ќе се случи или нема да се случи, но се гледаше дека има потенцијал да биде во врвните 50. Не сум тренирал гранслем-шампион, но сум тренирал дете што освои гранслем. Чувството е супер. Девојчето што го тренирам сега е од Грузија, се надевам дека ќе стигне да игра на гранслем, тоа ми е првата цел – вели Шевченко.
За успех е потребен индивидуален пристап
Меѓу македонските тенисери има деца што доаѓаат, но за да се успее треба многу сериозен пристап. Сегашното девојче со кое работам, од Грузија, има цел тим зад себе, спонзор, родител што спонзорира, фитнес-тренер и двајца тренери што работат со неа, јас и еден асистент. Ако се пристапи на тој начин и плус ако се обезбеди и психолог во моментите кога е тој потребен, тогаш може да се очекува резултат. Со работа во клупски рамки не може да се направи таков индивидуален пристап. Ако сакаш да направиш играч и да бидеш сигурен дека можеби ќе успее треба индивидуален пристап кон тој играч. Деца има, дали ќе успеат, времето ќе покаже, вели Горан Шевченко.