За изработката на околу 5.000 медали ќе бидат употребени околу 32 килограми злато, извадени од 6,2 милиони мобилни телефони, како и 3,5 тони сребро и 2,2 тони бронза.
Во главниот град на Јапонија, Токио, на една година пред почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ), на јавноста ѝ беа претставени медалите, кои целосно се направени од рециклирани уреди. Медалите, кои се дизајнирани да личат на полирани камења, се првите одржливи медали во историјата на олимписките игри, велат организаторите.
Околу 32 килограми злато беа извадени од 6,2 милиони мобилни телефони што повеќе од две години ги донираа речиси 90 отсто од јапонските градови и села. Покрај тоа, беа откупени 3,5 тони сребро и 2,2 тони бронза за да се направат 5.000 олимписки и параолимписки медали. Медалите за Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година, исто така, содржеа рециклирани материјали, но помалку од тие за ЛОИ 2020.
Предниот дел од олимпискиот медал го прикажува традиционалниот дизајн со божицата на победата, но по Минхен 1972 година, земјата-домаќин го дизајнира и задниот дел од медалот. Според организаторите, дизајнот е направен за „да ја симболизира разновидноста и да го симболизира светот во кој луѓето што се натпреваруваат во спортот и работат напорно, се почитуваат меѓу себе“.
Сложените дизајни, кои ќе ги украсат сите 5.000 медали, ќе ги одразуваат моделите на светлина за да ја симболизираат енергијата на спортистите и на оние што ги поддржуваат. Дизајните, исто така, претставуваат како спортистите се борат за победа, како и олимписките теми на разновидност и пријателство, пишува на сајтот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Повеќе од 400 професионални дизајнери и студенти учествуваа на отворениот конкурс за изгледот на медалите. Избрано беше решението на Јуничи Каваниши. Медалите за Токио 2020 се со дијаметар од 85 мм и 12,1 мм во најдебелиот дел.
Четири различни роботи ќе бидат во функција на Игрите на различни локации, вклучувајќи ги верзиите на маскотите Мираитова и Сомеити, кои ќе можат да отпоздравуваат, да се ракуваат и да ги поздравуваат посетителите. Тие ќе имаат различни изрази на лицето, како и камери монтирани на челата, што ќе им овозможат да препознаат кога луѓето се во нивна близина и да реагираат на нив. Другите модели ќе се движат низ повеќе локации и стадиони, каде што ќе снимаат видео и аудиоинсерти и потоа ќе им ги емитуваат на луѓето што не ќе можат да присуствуваат на Игрите. Други, пак, ќе собираат копја, дискови, кладива и ѓулиња на атлетските натпревари.