Тој потпишал 10-годишен договор за 300 милиони долари со бејзбол-тимот Сан Диего, надминувајќи го досегашниот рекорд од 275 милиони долари од 2007 година на Алекс Родригес
Бејзбол-играчот Мани Мачадо потпишa 10-годишен договор со Сан Диего падрес вреден 300 милиони долари, што е најдоходен договор во историјата на американскиот спорт кога станува збор за слободни играчи, јавија американски медиуми. Досега рекордниот 10-годишен договор на Алекс Родригес со Њујорк јенкис, исто така, како слободен бејзбол-играч, од 2007-та, изнесуваше 275 милиони долари. Договорот на Мачадо е втор по големина во историјата на бејзболот, зад 325 милиони долари вредниот, 13-годишен договор на Мајами марлинс со Џанкарло Стентон, пред сезоната 2015-та.
Мачадо по потпишување на договорот ќе добие 20 милиони долари, во рок од 30 дена од денот на одобрувањето на договорот од канцеларијата на комесарот на МЛБ, 10 милиони долари сезонава и по 30 милиони долари во секоја од преостанатите сезони. Мачадо е жител на Флорида, што значи дека нема да плаќа данок во Калифорнија, каде што има највисока стапка од 12,3 отсто.
Во договорот на Мачадо стои клаузулата за раскин на договор по пет години, односно кога ќе наполни 30 години, за повторно да може да стане слободен играч. Мачадо (25) настапуваше и за Балтимор ориолс и за Лос Анџелес доџерс. Неговиот нов тим, Сан Диего, лани го ангажира Ерик Хосмер, за рекордни за клубот 144 милиони долари.
Мачадо е еден од најдобрите играчи во американската МЛБ-лига, со импозантни бројки и награди зад себе. Во 2010 година тој беше трет избор на т.н. драфт (избор на играчи пред сезоната) за Балтимор ориолс, за кого дебитира во 2012 година. Веќе следната година беше избран во олстар-тимот (потоа уште трипати), а го доби признанието „златна ракавица“ (потоа и во 2015-та). Лани ги забележа најдобрите статистички податоци во кариерата.
Тимот на Сан Диего, кој во минатите две години потроши најмногу пари за слободни играчи (474 милиони долари) се нема пласирано во плејофот во последните 12 сезони, а лани беше на 28-то место во МЛБ-лигата. Во претходните 25 години за слободни играчи Сан Диего потроши „само“ 309 милиони долари.
За Мачадо беше заинтересиран и Чикаго вајт сокс, кој му понуди осумгодишен договор за 250 милиони долари, со клаузули и со можност да порасне до 320, па и 340 милиони. Но Мачадо се решил за гарантираните 300 милиони од Сан Диего.
Нејмар и Мбапе ги имаат рекордните фудбалски трансфери
Во фудбалот, кој се смета за најпопуларен спорт во светот, се вртат многу пари, а последните неколку години трансферите и заработките на најдобрите играчи достигнаа вртоглави износи. Во летото 2017 година, францускиот ПСЖ за Бразилецот Нејмар на Барселона ѝ плати рекордни 222 милиони евра. Во исто време ПСЖ го договори и вториот најскап трансфер што се активира лани летото, на Килијан Мбапе од Монако за кого плати 180 милиони евра. Трет на листата најскапи трансфери е оној на Бразилецот Филипе Кутињо, во јануари 2018-та, од Ливерпул во Барселона за 145 милиони евра. Покрај овие тројца, трансферите на уште четворица играчи чинеа над 100 милиони евра – на Осман Дембеле од Борусија Дортмунд во Барса (120), на Пол Погба од Јувентус во Манчестер јунајтед (105), на Кристијано Роналдо, од Реал во Јувентус (100) и на Герет Бејл, од Тотенхем во Реал (100 милиони евра). Л.Д.
Бејзбол-играчите се меѓу најплатените
Бејзбол-играчите во американската МЛБ-лига се најплатените светски спортисти кога станува збор за договорните суми (без рекламните зделки) и има осум од нив на листата од 10 најплатени. На врвот на таа листа е мексиканскиот боксер, Канело Алварез, кој за 11 борби треба да добие 365 милиони долари.
Понатаму, до осмата позиција следуваат бејзбол-играчи. Втор е Џанкарло Стентон, кој лани потпиша 13-годишен договор со Мајами марлинс за 325 милиони долари. На третото место е Мани Мачадо (300 милиони долари), најголем кога станува збор за слободен играч, четврти е Алекс Родригес (275 милиони долари, за 10-годишниот договор со Њујорк јенкис во 2008 година). Потоа следува повторно Родригес (252 милиони долари) за претходниот договор со Тексас ренџерс во 2000 година. Мигел Кабрера за осумгодишниот договор со Детроит тајгерс треба да добие 248 милиони долари. Робинсон Кано и Алберт Пујолс потпишаа 10-годишни договори со Сиетл маринер, односно со Лос Анџелес анџелс за по 240 милиони долари.
На деветта позиција е Џејмс Харден, НБА-кошаркарот на Хјустон рокитс, 228 милиони долари, во 2017 година. Листата на првите 10 ја затвора бејзбол-играчот, Канаѓанецот Џои Вото, за договорот со Синсинати редс вреден 225 милиони долари. Л.Д.