Контроверзиите со Корт почнаа по завршувањето на тениската кариера поради нејзините антигеј-ставови
Американката Серена Вилијамс на гранслем-турнирот во Њујорк, кој започнува денеска. ќе атакува на 24-та титула, со што би се израмнила со легендарната Австралијка, Маргарет Корт, која е најуспешна тенисерка според бројот на освоени гранслемови, 24, односно вкупно 64, сметајќи ги и тие во двојки. Вилијамс, која во првата рунда утре ќе се сретне со Русинката Марија Шарапова, веќе е во поодминати играчки години (37) и е на залезот на кариерата, но влогот е огромен, влез во тениската историја.
И додека за Серена се знае речиси сѐ, особено како и зошто ги загуби трите гранслем-финалиња по ред, пет од последните седум, за Корт, која главно се спомнува во контекст на титулите и не се знае (пре)многу.
Корт, која е родена на 16 јули 1942 година, од доцните тинејџерски, па до доцните 30-те години од животот, по неколкуте прекини и неиграње поради брак, раѓање деца и друго, 11 пати победи на Австралија опен, по петпати на САД опен и на Ролан Гарос и трипати на Вимблдон. Помеѓу 1960 и 1973 година, Корт триумфира на 929 од 1.003 натпревари, освојувајќи 61 турнир, меѓу кои и четирите гранслем-турнири во 1970 година.
Иако не се справуваше најдобро со славата и со гламурот, Корт на теренот секогаш беше фер, достоинствена и скромна. Таа беше претходницата на физички супериорните тенисерки, како Амели Морезмо или Серена Вилијамс, на пример, и не само што победуваше туку беше и доминантна над противничките. Основата на извонредниот успех беше мешавината на огромната самодоверба и на физичката супериорност. Висината (1,75 метри), како и распонот на рацете, беа тајните „оружја“ на Корт, бидејќи, наводно, ѝ бил 7,6 см поголем отколку кај просечната жена на таа височина, поради што го доби прекарот Раката. Ја нарекуваа и Ракета, Мускули итн.
Сепак, и покрај сето тоа, Корт, според нејзините зборови, „беше анонимна шампионка и малку сакана“.
– Мислам дека младите навистина не знаат што навистина направив. Лично, тоа не ми пречи, но веројатно е малку тажно за историјата на тенисот – изјави пред неколку години Корт во една пригода.
Контроверзиите со Маргарет Корт започнаа по завршувањето на тениската кариера. Таа долги години гласно изнесуваше антигеј-ставови и не попушташе нималку, иако времињата се сменија.
– Целиот живот сум веруваладека мора да ја кажеш вистината. Држете се до вашите верувања, без оглед колку тоа е непопуларно, без разлика дали тоа што ќе го кажете ќе ви донесе неволја – вели Корт.
Нејзината сугестија дека лезбејките го уништуваат тенисот привлече меѓународно внимание, но не придонесе за подобрување на нејзиниот имиџ во Австралија. Во 1990 година за Мартина Навратилова прокоментира „таа е одличен играч, но јас би сакала на врвот на светската ранг-листа да има некоја на која ќе можат да се угледаат младите тенисерки. Многу е тажно децата да бидат изложени на хомосексуалност. Мартина е добра личност, но нејзиниот живот тргна во погрешна насока“.
Таа тврдеше и дека хомосексуалните бракови ги корумпирале земјите каде што биле легализирани, како и дека тие бракови влијаеле на зголемувањето на ЛГБТ-тенденциите кај децата.
Верба во бога за спас!
Јавното и јасно прикажување на „вербата“ во бога во 1970-тите, Корт ја претвори во неомилена шампионка во австралискиот спорт, секогаш насочен кон секуларизмот. Во 1979 година (во писмото од 2 Тимотеј 1:7), Корт вели дека ги открила личното спасение и лекот за физичките и емоционалните болки што ги доживеала по завршувањето на кариерата.
– Бог не ми даде дух на страв, туку на сила, на љубов и на здрав ум…
Јас имплицитно верувам во она што ми го кажува Библијата. Не ми е гајле за популарноста. Чувствата на бог се јасни, и такви се и моите чувства – изјави Корт во 2016-та.
Во 1970 година, Корт ја пофали и политиката на апартхејд во Јужна Африка: „Јужноафриканците се подобро организирани на тој план од која било друга земја, особено Америка. Ја сакам Јужна Африка, ќе се вратам таму во секое време“.