Македонија го заврши настапот на Европското првенство во одбојка, откако вечерва Турција загуби од Финска.
Финска ја совлада Турција со 3:2 (по сетови: 25:20, 15:25, 18:25, 25:23, 15:12) и двете селекции, заедно со Русија и со Словенија од групата Ц, продолжуваат во топ 16 фазата.
На „црвено-жолтите“ им беше потребна било каква победа на турските одбојкари против Финска за место во нокаут-фазата, мисија што, сепак, останува да се брка во некоја наредна прилика.
Осминафиналисти на ЕП 2019, покрај четирите селекции од групата Ц, се и Франција, Италија, Бугарија и Грција од групата А, Србија, Белгија, Германија и Словачка од групата Б и Полска, Украина, Холандија и Чешка од групата Д.
Македонските одбојкари не разочараа во дебитантскиот настап на континенталните смотри. Го освоија претпоследното место во Љубљана со скор од две победи – против Белорусија и Словенија по 3:1 и три порази – од Финска (1:3) и од Турција и од Русија по 0:3.