На ЕП во Полска треба да настапат 40 репрезентации, машката е во група со Хрватска, Украина, Швајцарија и со Италија, а девојките ќе се натпреваруваат со Данска, Русија, Украина и со Германија
Македонија ќе биде дел од досега најмасовното Европско првенство (ЕП) во Полска во ракомет на плажа, откако биле прифатени барањата за дополнителна регистрација на машките селекции на Србија, Црна Гора и на Македонија, како и на женската селекција на Македонија.
На 11-то ЕП во јули треба да настапат 40 селекции (по 20 во секоја од категориите).
Претходното најмасовно ЕП во ракомет на плажа беше во 2007 година во Италија каде што учествуваа 36 селекции по 18 во машка и во женска конкуренција.
Македонската машка селекција ќе биде дел од групата Ц, заедно со селекциите на Хрватска, Украина, Швајцарија и Италија, а девојките ќе бидат дел од групата Д во која ќе се натпреваруваат со Данска, Русија, Украина и Германија. Бранители на титулите европски првак се Шпанија во машка и Норвешка во женска конкуренција.
Македонија последен пат учествуваше на ЕП 2011 во Умаг (Хрватска) каде што мажите го освоија последното 12-то место, а девојките беа 10-ти во конкуренција на 14 селекции.