Македонија загуби на гости од Украина, со 1-3 (19-25,-26-28, 25-23, 23-25) во петтиот квалификациски натпревар во групата Ф, и на тој начин шансите за пласман на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) годинава во одбојка ги сведе на теорија. Украинците, кои ја прокнижија петтата победа како првопласирани во групата го заверија настапот во завршницата на континенталното првенство во септември годинава.
Македонија досега во групата забележи две победи и три пораза и има шест бода, како и Швајцарија, која во петтата рунда ја совлада Унгарија на гости, со 3-2. Двете селекции се во игра за освојување на втората позиција во групата што може да води на ЕП, бидејќи има повеќе комбинаторики, и лесно може да се случи двете да извисат. На завршниот турнир ќе настапат 24 репрезентации, од кои 12 се познати од поодамна, а ним ќе им се придружат седумте првопласирани во групите и петте второпласирани со најдобар резултат.
Меѓу двете второпласирани со најлош ефект што ќе отпаднат можно е да биде токму Македонија, која утревечер во Скопје ја пречекува Унгарија, која е последна, и тој резултат нема да се смета во посебната табела на второпласираните. Швајцарија се среќава со Украина.