На само неколку часа пред финалето од Лигата на шампионите, навивачите нестрпливо чекаат да започне финалниот меч.
Тие пристигнаа на стадионот „Ванда Метрополитано“, каде пејат навивачки песни. Атмосферста е прекрасна, достојна за најголемиот настан во европскиот клупски фудбал.
Погледите на фудбалските фанови не само во Европа, туку и низ целиот свет вечерва се свртени кон Мадрид. Трибините ќе бидат исполнети до последно место, капацитетот на стадионот на Атлетико Мадрид изнесува 68.700 места.
Огромен е број и на оние што не набавиле билети. Тие сѐ уште се обидуваат да добијат карта на црниот пазар, односно да купат од препродавачи. Според информациите, билетите на црно достигнуваат и цена од 10.000 фунти.
Пред стадионот е регистрирано дека организирана група краде карти од навивачите. Тие буквално им ги одземале од раце. Пред стадионот има засилено полициско обезбедување. Според репортерот на ,,Макфакс”, околу стадионот има околу 3.000 полицајци.
Финалниот меч ќе започне на 21 часот, ривали ќе бидат познаниците од Премиер лигата, Тотенхем и Ливерпул.
Ливерпул лани играа во финалето и беа поразени од Реал. „Црвените“ ќе се обидат вечерва да ја освојат шестата титула во елитното натпреварување, додека Тотенхем се надеваат на прв триумф во Лигата на шампионите во своето прво финале.