Македонската машка кугларска репрезентација по поразот од Полска во 1-то коло на Светското екипно првенство (СП) во чешкиот град Рокичани, во 2-то коло ја збриша селекцијата на Естонија со убедливи 8-0 во поединечни дуели, 21-3 во вкупно освоени поени, односно со 3.772-3.499 по бројот на вкупно соборени кегли или разлика од 273 кегли. Со тоа избраниците на селекторот Дамир Фучкар ги освоија првите бодови.
Македонија настапи во состав Сашо Трпковски (628), Александар Соколовски (597), Бојан Влакевски (665), Димитар Димитровски (635), Дамир Фучкар (621) и Борис Бенедик (626) и сите забележаа победи против своите ривали.
– Ќе дадеме сѐ од себе да обезбедиме пласман во четврт-финалето. Ако ја победиме Чешка шансите ќе бидат многу големи. Нема да се предадеме ниту против фаворизираната Србија. Во секој случај нѐ очекуваат два тешки дуела – вели Влакевски, кој собори најмногу кегли против Естонија.
Утре во 3-то коло (18.30 ч.), Македонија, која е во групата Б игра со Чешка, а во вторник со актуелниот светски првак, Србија.
Двете првопласирани селекции од секоја од четирите групи одат во четврт-финалето.