Многумина гледачи на големиот екран, поставен на целта, со одушевување го проследиле паѓањето на Фрум во првата етапа, на официјалната промоција пред старот на трката беше исвиркан, а, згора на тоа, доби и закани на социјалните мрежи
Британецот Крис Фрум, четирикратниот победник на велосипедската трка Тур де Франс, падна во првата етапа на годинашното 105-то издание. За негова среќа, станувало збор за помал пад, по што тој се вратил на патеката долга 201 км, но на целта заостанувал 61 секунда зад победникот, Колумбиецот Фернандо Гавирија, и 51 секунда зад неколкумина главни ривали за конечен триумф, како Роман Барде, Микел Ланда, Том Думулан, Винченцо Нибали и Ригоберто Уран кои успеаја да ја избегнат мешаницата, на 10 км од целта.
Многумина гледачи на големиот екран, поставен на целта, со одушевување го проследиле паѓањето на Фрум. Нешто слично му се случи и на официјалната промоција на тимовите пред почетокот на трката, а, згора на тоа, доби и закани на социјалните мрежи. Потоа мораше да се огласи и директорот на Тур, Мишел Прудом, со апел до гледачите за поголема почит и за респект кон Фрум.
Фрум, кој ќе се обиде петти пат да победи на Тур, имаше проблем и беше под истрага поради прекумерната употреба на „салбутамол“, лекот за астма што тој го користел на ланската трка околу Шпанија, Вуелта. Тој се соочува и со уште една тешка битка: против историјата, која вели дека победа на Џиро и на Тур во иста година е речиси невозможна работа. Го очекуваат бруталните први девет етапи, возењето по калдрма, на температура од над 30 степени, силен ветар, против стареењето на своите нозе, како и против очајната група противници подготвени на сѐ за да го урнат, против триумвиратот Наиро Кинтана, Алехандро Валверде и против поранешниот колега Микел Ланда, па дури и против тимскиот колега Герент Томас. Но најмногу од сѐ, Фрум се соочува со битката против луѓето. Некои случки од минатото на Тур укажуваат дека во некои кантони и области луѓето го презираат Фрум.
Безбедноста околу неговиот хотел е зголемена, како и на патот каде што поминуваат велосипедистите.