Александар Китинов (десно) и Кент Киниар на турнирот во Вимблдон во 1997 година

Во мое време на Вимблдон се играше побрз тенис, имаше повеќе истрчување на мрежата, со квалитетни повратни и скратени удари, нешто што денес многу поретко може да се види на неговите терени, вели Александар Китинов, поранешен македонски тенисер и специјалист во игра на двојки, кој во 2001 година играше во осминафиналето на гранслемот во Вимблдон

Секогаш кога го гледам тенискиот турнир во Вимблдон ми навираат и спомените од едно време кога и јас бев дел од него, па така е и сега, додека со голем интерес го следам неговото најново издание. А во моето време, за разлика од сегашново, на Вимблдон се играше побрз тенис, оти сега тревата е малку повисока, со што се забавува брзината на топчето, потоа имаше повеќе истрчување на мрежата, со квалитетни повратни и скратени удари, нешто што денес многу поретко може да се види на неговите терени, вели Александар Китинов (48), поранешен македонски професионален тенисер, а денес тренер во „ИТЦМ спортски центар“ во Скопје.
Китинов во игра на двојки, заедно со Србинот Ненад Зимоњиќ на Вимблдон во 2001 година, со пласманот во третото коло (меѓу 16-те најдобри, осминафинале) го постигна својот најголем успех на тревните терени во Лондон. За Китинов, Вимблдон секогаш бил посакуван терен за настап.

– Иако само еднаш се игра во годината и практично немаш можност да се подготвуваш однапред, јас секогаш сакав да играм на ваков терен, а тревната подлога воопшто не ми создаваше проблеми. Бидејќи Вимблдон се смета како неофицијално светско првенство, со своја богата традиција, како и поради самата атмосфера што владее во текот на неговото одржување, навистина ми претставуваше привилегија да бидам во еден период дел од него – се присетува Китинов на миговите кога играше на овој престижен турнир во Лондон.

Китинов, кому највисокиот пласман му е 38-то место на АТП-листата во игра на двојки во ноември 1999 година, вели дека секој од четирите гранслем-турнири во светот си има своја специфичност и убавина.

– Секој терен е приказна за себе. Така, на пример, на Австралија опен, посебно многу се пријатни луѓето што доаѓаат да гледаат тенис. На Ролан Гарос некако има многу народ околу терените, кои му даваат посебна убавина. На Вимблдон има многу терени низ кои има премини, па луѓето што се движат по тие патеки можат да фрлат поглед на повеќе тениски игралишта, а во Њујорк на САД опен, вниманието го привлекува огромниот тениски стадион – појаснува Китинов.

Китинов беше специјалист за игра во двојки, освојувајќи три АТП-турнири во својата кариера (Базел, Бурнмаут и Букурешт) и уште четири финалиња, а во мешани двојки најголемиот успех го постигнал во 1998 година на Австралија опен, кога заедно со Ева Мелихарова од Чешка играше во четврт-финалето, против чешката двојка Хелена Сукова и Кирил Сук

Околу тоа дали, кој и кога од македонските тенисери или тенисерки може да очекуваме да заигра на Вимблдон или на некој друг гранслем-турнир, Китинов вели: „Според мене Лина Ѓорческа е најблиску да заигра на Вимблдон или на некој од другите гранслем-турнири“.


„За победникот ќе одлучува и навремената реакција во дел од секундата“

Според Александар Китинов, изненадувањата на Вимблдон, токму поради тревната подлога, секогаш се можни.
– Тоа, всушност, го покажа и годинашното прво коло. Едноставно, тревата е таква подлога, на која топчето брзо лизга, помалку отскокнува отколку на земјен терен, а скратените топки одлично функционираат ако се изведат како што треба. Секако, покрај постојната форма, искуството и потребната среќа, годинава околу победникот ќе одлучува и навремената реакција на играчот, односно како тој ќе размислува за тоа каков удар да упати во дел од секундата. Кај мажите фаворити се Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роже Федерер, од кој последниов секогаш настојува токму таму да се покаже во најдобро светло. Кај жените би ги издвоил Серена Вилијамс и Петра Квитова – нагласува Китинов, кој професионален играч стана во 1993, а се повлече од активно играње во 2003 година.


НЕКОИ РЕЗУЛТАТИ НА КИТИНОВ НА ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРИТЕ

ГОД. ТУРНИР РУНДА НАТПРЕВАР
1997 Австралија опен второ коло двојки
1997 Вимблдон второ коло двојки
1997 САД опен второ коло мешани двојки
1998 Австралија опен второ коло двојки
1998 Австралија опен четврт-финале мешани двојки
1998 Ролан Гарос второ коло двојки
1998 Вимблдон второ коло двојки
1999 Австралија опен второ коло двојки
2001 Ролан Гарос второ коло двојки
2001 Вимблдон осминафинале двојки
2001 САД опен второ коло двојки

[email protected]