Светскиот куп (СК) во алпско скијање почнува викендов во австриски Зелден, а Џанфранко Каспер, претседателот на Светската скијачка федерација (ФИС), на сите им посака успешна, безбедна и возбудлива сезона.
– Му се заблагодарувам на секој што ни помага да го организираме, поддржиме и да го подобриме нашиот спорт. Благодарност и до оние што се посветуваат на нашиот спорт, без оглед на тоа кој месец е во годината. Особено сум возбуден за новата сезона, бидејќи светските првенства ќе бидат во центарот на вниманието. Се разбира, постојат неколку работи за кои треба да се биде оптимист за претстојната сезона, но секоја паричка има две страни. Се фаќам себеси како си поставувам повеќе прашања за влијанието на климатските промени врз нашиот спорт, и сѐ што можам да кажам е дека сето тоа е многу реално и еднакво непредвидливо. Во минатата сезона уживавме во снежна зима, со најдобри услови во многу делови од светот во последните пет години.
Но топлите температури низ цела Европа оваа есен ги загрижија луѓето. За среќа, имаме многу посветени организатори, кои инвестираат во нови решенија за да обезбедат дека ќе има снег и дека ќе се одржат трките во СК, но особено за развојот на туризмот и рекреацијата. Тоа е и тема што е тесно поврзана со нашите активности и не постојат лесни одговори. Еден од чекорите што ги презема ФИС е организирање академски форум на високо ниво во ноември в година, на тема „Животната средина во планините и снегот“ – изјави, меѓу другото, Каспер за официјалната интернет-страница на ФИС.