Во т.н. тајбрејк, со мечеви со забрзано темпо на размислување, актуелниот првак Карлсен го победи претендентот Каруана со 3-0 и третпат ја одбрани светската титула во класичен шах
Норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен (2.835 рејтинг-поени) ја одбрани светска шаховска титула, откако во Лондон го победи претендентот, американскиот ВМ, Фабијано Каруана (рејтинг 2.832) со 3-0, по т.н. тајбрејк во забрзан шах (двапати по 25 минути, плус 10 секунди по секој потег). Во регуларниот тек, по 12 партии класичен шах, резултатот беше 6-6, откако сите партии завршија со реми. Карлсен (денес полни 28 години), кој е светски првак од 2013 година, третпат ја одбрани титулата (претходно против Индиецот Вишванатан Ананд и против Русинот Сергеј Карјакин), со што стана побогат за 550.000 евра. Каруана инкасира 450.000 евра.
Карлсен ја одбра патеката по која сметаше дека ќе има најдобра шанса да ја задржи титулата. Тој избор и го оправда.
– Мислам дека играв релативно добро, а Фабијано е најсилниот ривал со кој сум играл за светската титула. Тајбрејкот беше совршен за мене. Во втората партија не бев премногу сигурен во мојата позиција, но откако го освоив првиот поен, се чувствував многу смирен. Донесов добра одлука, што се одлучив за тајбрејкот, оти чувствував дека тоа е она што ми дава најдобри шанси да победам, иако многумина шахисти не се согласуваа со мене по ремито во 12-та партија. Среќен сум што го надминав овој голем предизвик, ќе продолжам да работам за да станам уште подобар – изјави Карлсен.
Каруана, кој беше првиот Американец по Роберт Фишер (од 1972 година), со шанса да стане светски првак, одлично ги одигра класичните партии, но не и тајбрејкот.
– Привилегија беше да се игра со Карлсен. Се надевав дека ќе одиграм најдобро во тајбрејкот, но не се ни приближив до него. Имав многу лош почеток, посебно во втората партија, а Магнус одигра многу добро. Се разбира дека сум многу разочаран. Отсекогаш сметав дека главната цел не е да се стигне до ваков меч, туку да стане светски првак. Можеби пропуштив две добри шанси во класичните партии, но и Магнус имаше две можности – рече Каруана.
Ваквиот формат на добивање на светскиот првак, сигурно ќе предизвика полемики, дали е и најисправниот, ако се знае дека Карлсен моментно е светски првак во забрзан шах, а Каруана е 18-ти на таа ранг-листа.
– Многу пореално е да се играат 24 партии или најмалку 16, оти тоа му дава на еден од шахистите, ако биде во негатива или пак во играчка криза, да се врати во текот на мечот, како што тоа било порано на мечот Ботвиник – Смислов или Спаски – Фишер. Забрзаниот шах, сепак, има друга тежина – вели македонскиот ФИДЕ-мајстор Љубиша Андоновски.
Во пресрет на мечот, „Нова Македонија“ направи мини-анкета за тоа кој ќе победи. Од испитаниците, 12 сметаа дека Карлсен ќе слави, а тројца дека Каруана ќе победи. За Карлсен типуваа: ИМ Филип Панчевски, ИМ Димитар Илиевски, ВМ Роберт Маркуш, ЖИМ Габриела Коскоска, Бошко Милошески (шаховски проблемист), ФМ Ристе Менкиноски, ВМ Роландо Кутиров, ЖИМ Моника Стојковска, ИМ Орце Данчевски, Ивана Манова, ИМ Никола Николовски, Лино Червар (ракометен тренер).