Кениецот Јулиус Јего почнал да тренира фрлање копје без тренер, проучувајќи ги преку јутјуб-техниките на тројниот олимписки шампион Јан Железни, по што освои злато на Африканските игри, стана светски првак и олимписки вицешампион
Сребрениот медал на Јулиус Јего во фрлање копје на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Рио де Жанеиро во 2016 година предизвика медиумско внимание за спортистот именуван како Човекот Јутјуб. Поради отсуството на тренери за таа дисциплина во Кенија, тој почнува развој на својата техника со гледање видеа на интернет, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на својата интернет-страница.
Кенија има богата традиција во тркачките дисциплини во атлетика, а недостигот од успех во другите дисциплини значеше дека никој не бил квалификуван за тренер на Јего, кој ги проучувал техниките на тројниот олимписки шампион Јан Железни на Јутјуб.
– Во мојата глава бев како осамен ренџер. Никој не беше со мене, бидејќи бев единствениот спортист во овие дисциплини. Тоа е мојата желба, да има спортисти во различни дисциплини, не само во фрлање копје – вели Јего.
Тој е роден во Чептонон, село во долината Рифт, во јануари 1989 година, и израснал вљубен во фудбал и во трчање, но кога беше претркан од двајца ривали во училишната трка на 10.000 метри, го сврте вниманието на друго место. Така, исекол и формирал копје од гранките на дрвјата и, иако неговите родители мислеа дека треба да се концентрира на неговите студии, Јего остана упорен и стана младински шампион на Кенија. Комбинирајќи ја својата работа како полицаец со тренинзите, Јего се сврте кон интернетот, проучувајќи ги техниката и вежбите на врвните фрлачи на копје.
– Го гледав тоа затоа што ми се допадна и сакав да станам шампион како и тие – вели Јего, за кого е посветена новата епизода на „Олимпискиот канал“ од серијата „Пред да станат суперѕвезди“.
Веќе во 2011 година стана првиот Кениец што освои медал надвор од тркачките дисциплини, со златото на сите Африкански игри. Една година подоцна во Лондон тој стана првиот Африканец во фрлање копје со пласман во финалето на ЛОИ, завршувајќи 12-ти. Тој беше четврти на Светското првенство во 2013 година, ја освои титулата на Игрите на Комонвелтот во 2014-та, пред да биде крунисан за светски шампион во Пекинг, Кина, една година подоцна, со во тоа време третото најдолго фрлање во историјата, 92,72 метри. Во Рио во 2016 година Јего водеше по три фрлања, во четвртото го повреди глуждот и се повлече, по што Томас Ролер од Германија го престигна и го освои златото. Тој ќе има шанса да го подобри резултатот на ЛОИ 2020 во Токио.