С. Вилијамс е казнета со 10.000 долари, поради кршење на рекетот и „оштетување на теренот“, пред почетокот на турнирот, а најлошо помина Томиќ кому му е изречена казна од 56.100 долари (колку што е премијата за 1-то коло)
На третиот годинашен тениски гранслем-турнир, Вимблдон, следуваат завршните натпревари во кои кај мажите работите се одвиваат според очекувањата. Најголемите фаворити, Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер и Рафаел Надал во денешните четвртфинални натпревари играат против Давид Гофин од Белгија, Кеи Нишикори од Јапонија, односно против Сем Квери од САД. Кај жените е повозбудливо и понеизвесно. Од турнирот беше елиминирана првата светска тенисерка, Австралијката Ешли Барти, како и 15-годишната сензација, Американката Кори Гоф.
Возбудливо е и надвор од терените, каде што полни раце работа имаат организаторите и судиите, кои им изрекоа казни на недисциплинираните. Американката Серена Вилијамс, победничката на 23 гранслем-турнири, е казнета со 10.000 долари поради неспортско однесување, кршење на рекетот и „оштетување на теренот“, пред почетокот на турнирот. Таа досега веќе инкасира 367.000 долари од турнирот.
На С. Вилијамс не ѝ е прв пат неспортски да се однесува и да биде казнета на Вимблдон со идентични 10.000 долари. Тоа се случи во 2016 година за повеќекратното кршење на рекетот на мечот од втората рунда и победата над Кристина Мекхејл. Но највисоката казна, 16.300 долари, ѝ беше изречена по поразот во финалето на САД опен лани кога загуби од сонародничката Наоми Осака, бидејќи судијата Карлос Рамос во нарече „лажго и крадец“.
За неспортско однесување беа казнети и Австралиецот Ник Киријос за неспортските испади во првото и во второто коло (3.000 и 5.000 долари), во мечевите против Жо-Вилфред Цонга и Рафаел Надал, како и Италијанецот Фабио Фоњини (3.000) поради изјавата „треба да експлодира бомба на Вимблдон“. Најлошо од сите помина Австралиецот Бернард Томиќ, кој е казнет со 56.100 долари (колку што изнесува премијата за настап во првата рунда), поради незалагање на мечот од првото коло против Цонга што го загуби со 2-6, 1-6, 4-6 и неисполнување на „потребните професионални стандарди“. Тој меч траеше само 58 минути и е најкраткиот на Вимблдон од 2004 година. Томиќ, кој на трите годинешни гранслем-турнири беше елиминиран во првото коло, без да освои ниту еден сет, најави дека ќе се жали на казната. Томиќ беше казнет со 15.000 долари и пред две години, кога по поразот од Миша Зверев во првото коло на официјалната прес-конференција изјави дека му „било здодевно на теренот“.
Недисциплината зема замав
По првата недела од натпреварите на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон беа изречени рекордни парични казни што укажува дека годинашниот турнир е најлош кога станува збор за однесувањето на тенисер(к)ите. Постојат вкупно 24 прекршоци што се санкцонираат на Вимблдон, меѓу кои се злоупотребата на рекети и топчиња, кодекс на облекување, пцуење и точност. Во текот на првите шест дена беа казнети вкупно 15 играчи со вкупно 106.400 долари, сума што веќе ги надмина 68-те илјади долари на име казни во текот на целиот лански турнир. Во 2016 година казните изнесуваа 93.500, а во 2015 година 62.500 долари.