Спасувачката екипа финансирана од приватни извори, главно пријатели на аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала, го извлече телото од остатоците од авионот што се урна во каналот Ла Манш на 21 јануари. Во авионот, покрај Сала (28), беше и пилотот Дејвид Ајботсон (28), а патуваа од Нант за Кардиф, каде што Сала требаше да ја продолжи кариерата.
Пронајденото тело е однесено на обдукција, по што ќе се расчисти дилемата дали станува збор за Сала или за Ајботсон, објави Комисијата за истражување авионски несреќи на Велика Британија. Поради лошите временски услови, специјалците мораа да се откажат од вадењето на остатоците од авионот што се наоѓа на длабочина од над 60 метри. Официјалната потрага по исчезнатиот едномоторен авион беше запрена само по три дена од несреќата, на 24 јануари. Но по многубројните апели и, главно, благодарение на собраните пари (околу 400.000 евра), продолжи приватната потрага.
Британските медиуми шпекулираат дека семејствата на Сала и на Ајботсон знаат за чие тело станува збор, но оти јавноста ќе мора да причека, можеби и до три недели, на официјалното соопштение по обдукцијата.
Сала потпиша договор вреден 15 милиони фунти, рекорден за Кардиф, но не одигра ниту еден натпревар. Француски Нант, каде што Сала играше во минатите неколку сезони, бара Кардиф да му ја исплати првата рата од трансферот, во износ од шест милиони евра. Првиот човек на Кардиф, Мехмет Далман, пак, вели дека исплатата ќе се случи кога ќе биде вистинското време за такво нешто.
– Главната причина е поради тоа што уште не е пронајдено телото. Треба да се има респект кон семејството, треба да се пронајде и да се извлече авионот – изјави Далман за „Л‘екип“.