Французинот Максим Вашер-Лаграв и Кинезот Јангуи Ју се пласираа во полуфиналето на Светскиот куп (СК) во шах во рускиот град Канти Мансијск, откако во драматичен тајбрејк и игра на нерви ги елиминираа своите ривали, Ерменецот Левон Аронијан (2,5-1,5), односно Русинот Никита Витјугов (5-4).
Вашер-Лаграв тоа го стори во втората партија со забрзано темпо (двапати по 25 минути), откако беше загубен по 34-ти потег, а Ју славеше во одлучувачката деветта брзопотезна т.н. армагедон-партија (белиот има пет, а црниот, кому му одговара и реми, четири минути) и, по малку несвојствено за него, откако загуби два пиона по 9-от потег, успеа да ја искористи пасивноста на Витјугов.
Така, во полуфиналето (вчера се играше првата партија), играат Вашер-Лаграв – Тимур Раџабов и Лирен Динг – Ју. Финалистите ќе се пласираат на Турнирот на кандидати за предизвикувач на светскиот првак Магнус Карлсен. Аронијан со овој пораз не ќе може да го повтори успехот од пред две години во СК во Тбилиси, кога го елиминира токму Вашер-Лаграв во полуфиналето, а во финалето со 4-2 го совлада и Динг. Но нова шанса ќе му биде турнирот во Биел во октомври, од каде што победникот обезбедува пласман на Турнирот на кандидатите.
Динг и Ју беа дел од шампионскиот тим на Алкалоид кога македонскиот првак во Нови Сад во 2016 година ја освои титулата европски клупски првак. Тогаш Динг играше на првата, а Ју на четвртата табла. Двајцата играа за Алкалоид и во 2017 и 2018 година, кога Алкалоид беше втор, односно шести. Ју настапи и на ЕКК во Скопје во 2015 година. Составите за годинашниов ЕКК во Улцињ во ноември уште не се познати. Како што стојат работите, машката екипа на Гамбит Асеко СЕЕ годинава нема да настапи, но ќе има тим на ЕКК за жени. Гамбит Асеко СЕЕ во 2015 година на ЕКК во Скопје го освои сребрениот медал, што е најголем успех на македонскиот екипен клупски шах во женска конкуренција.