Финалниот натпревар во тенис на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио ќе се игра до два добиени сета, а не како досега до три. Решавачкиот трет сет ќе биде одлучен во тајбрејкот, ако биде 6-6 во гејмови, односно нема да се игра на два гејма разлика, соопшти Интернационалната тениска федерација (ИТФ).
На минатите ЛОИ во Рио де Жанеиро во 2016 година натпреварите во машка конкуренција се играа до два добиени сета, а финалето до три. Кај жените мечевите се играат во два добиени сета. ИТФ објави дека на натпреварите во машки и женски двојки на ЛОИ во Токио во 2020-та тајбрејкот ќе се игра до 10 поени, формат што веќе е во употреба на мечевите во мешани двојки.
На Летните олимписки игри во 2016 година, како и на Игрите во Лондон во 2012 година, златниот медал во поединечна конкуренција го освои Британецот Енди Мареј.