Најдобрите македонски одбојкари ја одработија втората фаза од подготовките за ЕП, а утре патуваат за Крајова, каде што ќе одиграат два меча против Романија
Во Маврово, далеку од неподносливо високите температури и спарината што ја зафатија Македонија, најдобрите македонски одбојкари ги завршија едномесечните подготовки од т.н. втора фаза за деби-настапот на Европското првенство (ЕП) во Љубљана, Словенија, во септември. Македонските одбојкари тренираа вредно, по двапати дневно, комбинирано, фитнес и во сала, т.н „суви“ тренинзи за подобрување на општите физички способности. Но не беше запоставена ни работата со топка, со акцент на некои тактичко-технички елементи и финеси во играта.
Во мирна и опуштена атмосфера, на терасата на хотелот „Бистра“, разговаравме со селекторот, Србинот Никола Матијашевиќ. Во негово друштво беше новиот помошник и сонародник Душан Николиќ (45), кој е замена за Ратко Павличевиќ, кој поради клупски обврски во Грција мораше предвреме да ја напушти репрезентацијата. Николиќ две години му беше прв помошник на српскиот селектор Никола Грбиќ и е освојувач на бронзен медал на ЕП 2017 во Полска.
– Жал ми е што си замина Павличевиќ, но мислам дека Николиќ, кој е познато и признаено одбојкарско име, со големо искуство, е најдобрата можна и расположлива опција во моментов – вели Матијашевиќ.
Неминовно, разговорот со Матијашевиќ се насочува на тоа што и како е сработено минатите недели, каква е атмосферата во репрезентацијата и како одбојкарите ги издржаа „тортурата и карантинот“.
– Условите за тренирање и престојот во Маврово беа супер во секој поглед, временските услови, салата, мирната околина. Атмосферата беше одлична, за секоја пофалба. Искрено, по малку бев резервиран во тој поглед, не е едноставно дваесетина млади луѓе да бидат пет-шест недели заедно, на исто место, во ист амбиент, во своевидна изолација, тоа може да биде замка, па и опасно, но сѐ беше супер, сѐ мина без поголеми проблеми. Генерално, има работи од кои сум многу задоволен, но има и некои со кои не сум. Но најчесто е така, никогаш не оди сѐ според планираното. Факт е дека многу одбојкари дојдоа неподготвени на подготовките, но вистината е дека досега малкумина од нив имаат тренирано со ваков интензитет. Кај некои телото едноставно не издржува толкави напори, имаше многу повреди, за мене очекувани, но не во толкав обем, и за среќа не многу сериозни. Поради тоа, во некаква моја визија, имаме мало доцнење во подготовките од околу една недела – истакнува Матијашевиќ.
Последниот утрински тренинг пред враќањето во Скопје одбојкарите го одбратија во фитнес-сала, поделени во две групи, под водство на тренерот за физичка подготовка, Французинот Рејналд Чоке. Тој, како што вели Матијашевиќ, добро си ја знае работата и нема потреба што било да му се сугерира.
– Одбојкарите одлично го прифатија, тој беше „главен“ првите десетина дена, јас само му се приспособував. В понеделник ни доаѓа главниот за физичката подготвеност, професорот Кристијан Капфер, исто така од Франција, кој ќе биде со нас до крајот на ЕП. Тој ќе поработи на некои финеси, на зачувување на стекнатата кондиција, на скокот, брзината и слично – додава Матијашевиќ.
По Маврово, за македонските одбојкари, кои денеска се враќаат во Скопје, нема одмор. Започнува третата, завршна фаза од подготовките, во која ќе следуваат осум контролни меча. Утре (петок) се патува за Крајова, каде што Македонија викендов ќе одигра два меча со Романија. Потоа, во Скопје ќе гостува Шведска, со која исто така се планирани два меча, на 23 и 25 август, а кон крајот на август е силниот турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“ и мечевите со Белгија, Бугарија и Украина. На 5 септември се патува за Австрија, каде што се планирани две контролки (на 6 и 7 септември), по што се заминува за Љубљана, на ЕП.
– Сметам дека овие натпревари се доволни за бидеме подготвени, физички и во секој друг поглед за ЕП. Деновиве треба да се финализира конечниот список од 16 одбојкари за ЕП, но најбитно е сите играчи да бидат здрави, бидејќи ние не располагаме со поширок круг квалитетни одбојкари како нашите противници – нагласува Матијашевиќ.
Може ли Македонија во вториот круг?
Матијашевиќ не ја избегна темата за шансите на Македонија за пласман во следната, нокаут-фаза. Македонија е во групата Ц во Љубљана, со домаќинот Словенија, со актуелниот европски првак Русија, Турција, Финска и со Белорусија. Првите четири селекции одат во вториот круг.
– Постои голема желба да се одигра добро на ЕП. Сите се обидуваме да не си создаваме преголем притисок, да проценуваме дали имаме 20, 30 или 70 отсто шанси за пласман во вториот круг. Тоа е нашата цел, за мене лично многу висока. Но нема да се задоволиме само со пласманот на ЕП, ако ни се укаже и еден отсто шанса, ќе сториме сѐ за да ја зграпчиме, да не ја испуштиме. Допрва ни претстои време за анализи, ќе треба да видиме со какви состави и одбојкари ќе бидат нашите ривали. Битно ќе биде и ние со каков состав ќе се појавиме на ЕП – вели Матијашевиќ.
Љафтов: Повредите го спречија уигрувањето
Добро работевме во Маврово, но имавме многу проблеми со многуте повреди, поради што стручниот штаб во ниеден момент ги немаше на располагање играчите од првата шесторка за да испробаме некои тактички варијанти и да поработиме на уигрувањето. Лично добро се чувствувам, во добра форма сум, со нетрпение чекам да започнеме со натпреварите, додава Александар Љафтов.
Ѓорги Ѓоргиев: Максимално подготвен до ЕП
Плејмејкерот на македонската репрезентација Ѓорги Ѓоргиев, беше еден од низата одбојкари што не ги одминаа повредите на подготовките во Маврово.
– Јас имав проблеми со скинатите мускулни влакна на стомакот, тоа е многу болна повреда, која бара целосно мирување. Поради тоа паузирав, бев и на терапија во Скопје, но сега сѐ е во ред. Полека се враќам во форма, моментално сум 80-90 отсто подготвен, а мислам дека до почетокот на ЕП сѐ ќе биде во ред. Сега ни претстојат контролните дуели со Романија, па со Шведска, верувам дека формата ќе оди во нагорна линија. Оптимист сум, мислам дека можеме во вториот круг на ЕП. Ако не верувам во тоа, не треба да одиме – вели Ѓоргиев.
Милев: Рамноправни со Финска, Белорусија, Турција…
Презадоволен сум како минаа подготовките, најтешкиот дел е зад нас. Стручниот штаб добро си ја знае работата, квалитетно трениравме во Маврово, сѐ мина во најдобар ред. Одлично се чувствувам, имав мала повреда на зглобот, два дена тренирав со помал интензитет, но сега сѐ е во ред.
Според тоа како се одвиваат подготовките, верувам дека ќе одиграме добро на ЕП и мислам дека вториот круг не е недостижен за нас. Имаме квалитетен состав, кој може да одигра рамноправно со Финска, Белорусија и Турција, па и со фаворитите – смета Владо Милев, еден од најдобрите во македонската селекција.