Тропските температури од 29 јули до 4 август биле причината за смртта на 57 лица во Јапонија, соопшти Агенцијата за управување со природни непогоди
Високите температури повторно ја „нападнаа“ Јапонија и од 24 јули годинава во Токио (на денот на отворањето на Летните олимписки игри 2020) живата во термометрите не се спуштила под 31 Целзиусов степен. Тропските температури од 29 јули до 4 август биле причина за смртта на 57 лица во Јапонија, а во тој период во Токио биле хоспитализирани над 1.800, а ширум Јапонија над 18.000 лица, соопшти Агенцијата за управување со природни непогоди, пренесува Ројтерс.
Агенцијата потсетува дека лани температурите достигнале рекордни 41,1 степен во северниот дел од Токио, делот каде што се одржуваа Игрите во 1964-та, но тогаш во октомври, за да се избегнат високите температури.
Властите предупредуваат дека организаторите на ЛОИ треба да ги имаат предвид овие работи како опасни по здравјето на спортистите и на посетителите што ќе одат во Токио следната година.
Јапонците ги разгледуваат сите можни опции и мерки против жештините, од водени распрскувачи, пакети со мраз, како и шатори со разладни уреди на повеќе контролни точки, кои се тестираат летово.
Поради високите температури, маратонската трка е поместена за еден час и ќе започне во 6 часот наутро, на 2 август женската и на 9 август машката. Маратонската патека и другите поголеми улици ќе бидат премачкани со површинска основа од смола, што ги рефлектира инфрацрвените зраци и ја намалува температурата за околу 8 степени, велат организаторите.
ЛОИ 2004 во Атина во Пекинг 2008 година исто така се одржуваа во градови познати по летните горештини.
– Во овој контекст, досегашните искуства и стручноста на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и на националните спортски асоцијации се исклучително вредни. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со градските власти на Токио, со Владата и со сите релевантни фактори за што поуспешна организација на Игрите – вели портпаролот на Токио 2020, Маса Такаја.
Летата во Јапонија се сѐ потопли
Јапонските лета стануваат сѐ потопли. И во минатото имало жешки денови, температурите достигнале 32,6 степени на 24 јули 1964 година, но ноќите не се оладуваат како порано, покажуваат податоците на Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА).
Во 2007 година во оптек беше терминот „Страшно топли денови“ поради тоа што повеќе денови температурите биле над 35 степени. Во минатите две децении, во последните 10 дена од јули и во првите 10 дена од август во Токио просечната температура беше 32 степени. Жештината во Токио се зголемува и поради релативниот недостиг од сенки и зелени површини од бетонска џунгла во која живеат 9,2 милиони луѓе.
По Токио 2020 година, Париз би можел да се соочи со слични предизвици. Во градот домаќин на ЛОИ 2024 година на 25 јули годинава биле измерени рекордни 40,6 степени, во месецот во кој се забележани рекордни температури на земјата.